Вучиќ изрази благодарност до Путин за огромната поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и посочи дека заедничка задача на двете земји е да не дозволат ревизија на историјата
Српскиот претседател Александар Вучиќ веќе неколку дена е во посета на Москва по повод одбележувањето на Денот на победата.
Во текот на денешниот ден тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, кој на почетокот на средбата порача дека многу го цени фактот што е присутен во Москва и што учествувал на парадата по повод 80-годишнината од победата на Втората светска војна, иако поради тоа имал притисоци и се обидувале да го одвратат, како и покрај логистичките проблеми.

„Ова е наш заеднички празник. Нашите воини рамо до рамо се бореа против нацистичките освојувачи. Офанзивата во Белград, операцијата на Советскиот Сојуз стана еден од клучните настани од последната етапа на Втората светска војна. Знаеме со колкава почит владата и народот на Србија се однесуваат кон споменот на паднатите воини за слободата на нашите земји“,
рече Путин.
Посочи и дека Гаспром е сигурен снабдувач и одговара на барањата на Србија и обезбедува дополнителни испораки на гас покрај оние предвидени во договорите.
„Русија е сè уште клучна во енергетската безбедност на Србија и обезбедува 85 отсто од енергијата што и е потребна на Србија. Снабдувањето со гас оди преку Турција, Гаспром не само што е сигурен снабдувач, туку обезбедува и дополнителни количества што и се потребни на Србија. Ќе ги разгледаме сите актуелни прашања од руско-српската соработка и ќе видиме што можеме да направиме за иднината“,
кажа рускиот претседател.
Вучиќ изрази благодарност до Путин за огромната поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и посочи дека заедничка задача на двете земји е да не дозволат ревизија на историјата.
„Се надеваме дека ќе успееме да ги одржиме сегашните услови кога е во прашање гасниот аранжман и можеби дури и да ги подобриме, ако можам така да кажам“,
рече Вучиќ.
На средбата присуствуваа и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рускиот министер за економија Максим Решетников, директорот на Росатом Алексеј Лихачев, директорот на рускиот инвестициски фонд Кирил Дмитриев – главниот посредник во преговорите меѓу Путин и Трамп.
Путин и Вучиќ вчера кратко се сретнаа во Кремљ на приемот на светските претставници кои пристигнаа во Москва за да присуствуваат на прославата на Денот на победата.
Вучиќ денеска присуствуваше на воената парада на Црвениот плоштад во Москва, која беше организирана по повод Денот на победата во Втората светска војна.
Кога пристигна во Москва, Вучиќ рече дека однапред ги информирал европските претставници за планираното патување за Москва.