Тој на конференцијата со началниците на воените структури на земјата, исто така, истакна дека руската хиперсонична ракета „Сармат“, позната како „Сатан II“, која може да носи нуклеарна боева глава, ќе биде подготвена за распоредување во блиска иднина
Претседателот Владимир Путин на денешниот состанок со највисоките претставници на руските одбранбени структури ветил дека Русија ќе ги исполни сите цели на она што Москва го нарекува „специјална операција“ во Украина и дека ќе им даде на своите вооружени сили се што ќе побараат за поддршка во остварувањето на тие цели, објави „Гардијан“.
Во својот говор, во кој им ги претстави воените планови на шефовите на одбранбените структури, Путин рече дека нема да има финансиски ограничувања за она што владата ќе ѝ го обезбеди на војската.
„Земјата и владата ќе обезбедат сè што бара армијата“,
рече тој.
Putin says Russia observes no limits on military funding. “The country and the government will give everything that the army asks for. Everything.” pic.twitter.com/hywU7lKgX8
— Kevin Rothrock (@KevinRothrock) December 21, 2022
Рускиот претседател го обвини НАТО дека ги користи своите целосни капацитети против Русија и ги повика воените лидери да го искористат своето искуство стекнато во борбите во Сирија и Украина.
Тој, исто така, рече дека Русија треба посебно да ја нотира важноста на беспилотните летала во војната во Украина додавајќи дека руската хиперсонична ракета „Сармат“, позната како „Сатан II“, која може да носи нуклеарна боева глава, ќе биде подготвена за распоредување во блиска иднина.
Путин призна, што не е првпат, дека повикот на 300 000 резервисти, што го нареди во септември, не поминал без проблеми.
„Делумната мобилизација што беше спроведена откри одредени проблеми, како што сите добро знаат, кои треба навремено да се решат“,
рече тој.
Тој се осврна и на други неодредени проблеми во војската и рече дека треба да се внимава на конструктивната критика, пренесува Ројтерс.
„Го молам Министерството за одбрана да биде внимателно кон сите цивилни иницијативи, вклучително и да ги земе предвид критиките и да одговори навремено“,
рече Путин.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, како што пренесува „Гардијан“, повикал војската на земјата да се зголеми од сегашните еден милион на 1,5 милиони војници поради борбите во Украина.
Говорејќи на конференцијата на крајот на годината со руските воени началници и претседателот Владимир Путин, Шојгу рекол дека бројката треба да вклучува и 695 000 доброволни војници со договор.
Тој, исто така, предложил да се зголеми старосната граница за задолжителна воена служба во Русија и со неа да бидат опфатени и руските граѓани на возраст од 21 до 30 години.
Според сегашниот закон на задолжителна воена служба можат да бидат повикани руските граѓани на возраст од 18 до 27 години, иако Шојгу и Путин постојано тврдат дека овие регрути не се испраќаат да се борат во Украина.
Министерот за одбрана рекол дека Русија го забрзува распоредувањето на модерното оружје за армијата додавајќи дека трупите на Москва ќе формираат нови единици во западниот дел на земјата како одговор на плановите на Финска и Шведска да се приклучат на НАТО-алијансата.