Тој го потпиша законот за мобилизација на луѓе чии криминални досиеја не се достапни за јавноста, вклучително и оние кои извршиле сериозни кривични дела, но ги исклучуваат оние кои се осудени за сексуална злоупотреба на деца, предавство, шпионажа или тероризам, пишува „Би-би-си“
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се дозволува воена мобилизација на луѓе кои извршиле сериозни злосторства во рамките на процесот за мобилизација на војници за борбите во Украина, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Говорејќи пред членовите на младинските и волонтерски организации во Москва вчера Путин рече дека 318 000 мажи се приклучиле на борбата откако ја објави мобилизацијата во земјата во септември, вклучувајќи 18 000 лица кои биле волонтери.
Говорот на Путин дојде истиот ден кога тој го потпиша законот за отворање мобилизација за луѓе чии криминални досиеја не се достапни за јавноста, вклучително и оние кои извршиле сериозни кривични дела, но ги исклучуваат оние кои се осудени за сексуална злоупотреба на деца, предавство, шпионажа или тероризам, пишува „Би-би-си“.
„Според она што го знам, 49 000 мобилизирани веќе извршуваат борбени задачи, додека останатите се на обука“,
рече Путин.
На почетокот на инвазијата, Русија окупираше големи делови од Украина, но со месеци претрпе значителни загуби на војска и територија главно поради украинската контраофанзива.

Неуспесите во обидот на Русија да ги задржи териториите во деловите на јужна и источна Украина што сè уште ги окупира, го принудија Кремљ да воведе воена состојба и сè повеќе да се потпира на платениците и чеченските трупи за да ги надополни своите сили.
Соработникот на Путин и водач на приватната воена група Вагнер, Евгениј Пригожин, наводно регрутирал илјадници затвореници од руските затвори за војната во Украина.
Путин вчера рече дека протокот на доброволци за воените напори продолжува, и покрај многуте знаци на непопуларност на општата мобилизација.
Десетици илјади мажи ја напуштија Русија веднаш по објавувањето на мобилизацијата, додека спорадични протести, кои беа брзо задушени од безбедносните сили, беа забележани во многу делови на Русија.
Во меѓувреме, бројни видеа покажуваат мобилизирани луѓе кои се жалат на недостаток на храна, облека, опрема и место за престој.
На 24 февруари Русија ја започна својата инвазија на Украина. Оттогаш, илјадници луѓе се убиени, милиони се раселени, украинските градови се уништени, а глобалната економија е потресена.