Освен трите деца, меѓу убиените се и тројца членови на персоналот на училиштето и напаѓачот, кој од полицијата е идентификуван како 28-годишна жена
Најмалку шест лица, од кои три деца, се убиени во престрелка во приватно христијанско училиште во главниот град на американската сојузна држава Тенеси, Нешвил.
По добиениот повик, полицијата пристигнала на местото на настанот, го забележала напаѓачот на вториот спрат од училишната зграда и го усмртила. Идентитетот на напаѓачот засега не е познат, но според полицискиот извештај кој го пренесе Си-ен-ен, се работи за 28-годишна жена.
„Тројца ученици и тројца возрасни членови на персоналот од училиштето ‘Ковенант’ беа смртно застрелани од напаѓачот идентификуван како 28-годишна жена од Нешвил“,
објави полицијата и додаде дека работи на идентификација на останатите загинати.
Полицијата не откри можни мотиви за пукањето ниту дали жената имала некаква врска со училиштето.
Приватното христијанско училиште во Нешвил, Тенеси е основано во 2001 година, а во последниве години има просечен упис од околу 200 луѓе. Во училиштето учат деца од предучилшна возраст до шесто одделение.