„Ние рековме ќе го завршиме ова (уставните измени), но кога ќе ги завршиме нашите преговори, затоа што се плашиме дека ова може да се претвори во бескрајна приказна и ќе следуваат нови и нови барања и никој не знае кога ќе заврши тоа“, рече премиерот кој е во неколкудневна посета на главниот град на САД
Ако ние испорачуваме, тогаш очекуваме и другите да испорачаат, рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање вчера на настанот во Атлантскиот совет во Вашингтон.
Мицкоски, ова го кажа го кажа говорејќи во контекст на европскиот пат на земјава и уставните измени кои се услов за продолжување на преговорите за членство во Унијата.
Во таа насока, премиерот рече дека како нација сме претрпеле премногу понижувања и сме прифатиле многу лоши договори во име повисоки цели за евроатлантските интеграции, за земјава, како што вели, не е ниту на почетокот на патот членство во Европската Унија.
Сега, додаде тој, од нас повторно се бараат уставни измени, кои, како што кажа, не гарантираат извесност на евроинтегративниот пат.
„Ние како нација направивме се што можевме, претрпевме многу понижувања и прифативме многу лоши договори заради нашата европска перспектива и заради членството во НАТО. Сведочам дека во кога бевме (ВМРО-ДПМНЕ н.з.) опозиција во 2018 година многу луѓе од целиот свет, високи функционери на ЕУ, премиери од многу моќни НАТО земји, претседатели, членови на Европската комисија (ЕК), нè посетуваа и велеа само сменето го името и веднаш ќе станете членка на НАТО, ќе почнете преговори со ЕУ и ќе ги завршите во период од четири-пет години. Тие четири-пет години поминаа пред две години и ние сме во иста ситуација како пред 20 години. Но, во меѓувреме го сменивме знамето, валутата, името, сè“,
кажа Мицкоски во обраќањето на настанот на Атлантскиот совет во Вашингтон посветен на иднината на трансатлантските релации на Западен Балкан.
Во таа насока, премиерот рече дека во меѓувреме, поради неисполнетите ветувања, фрустрациите помеѓу граѓаните на земјава станале екстремно големи.
Овој пат, како што кажа тој, ставот е ако максимата Pacta sunt servanda (Договорите мора да се почитуваат) се применува за нас, тогаш нека се применува за сите и ако ние испорачуваме, тогаш очекуваме и другите да испорачаат, додаде тој.
Затоа, како што наведе премиерот надоврзувајќи се на кажаното, сега патува низ светот за да ја рашири приказната за македонската судбина, која, како што кажа, е типичен пример за двојни стандарди.
„Ние сега треба да ги внесеме неколку стотина наши сограѓани во уставната преамбула, што е опис на нашиот Устав. Зборуваме за бугарската заедница. Во нашиот устав ние имаме Македонци, Албанци, Срби, Турци, Бошњаци, Власи итн., па ако ги анализирате работите од таа перспектива тоа не е голема работа. Но, зошто да ги внесеме во преамбулата? Можеби зборуваме за човековите права, можеби некој ги крши човековите права на бугарската заедница? Кои сме ние политичарите да судиме дали нечии човечки права се нарушени? Има институција во Европа наречена Судот за човековите права во Стразбур која е одговорна да суди дали нечии човекови права се прекршени или не. И што вели таа институција во последните години? Тие беа јасни, 14 пати човековите права на македонската заедница во Бугарија биле прекршени, и нула пати на бугарската заедница во Македонија. Четиринаесет наспроти нула. Како да им го појасниме ова на граѓаните, зошто го правиме ова, а не добиваме ништо“,
рече Мицкоски.
Според него ова прашање не е суштинско, бидејќи, преговорите значат зајакнување на институциите, подобрување на капацитетите на институциите, а не решавање на билатерални прашања.
Во таа насока, тој го повтори ставот на Владата за уставни измени со одложено дејство, односно тие да бидат донесени, но да стапат во сила кога земјава ќе ги заврши преговорите за членство во Унијата.
„Ние рековме ќе го завршиме ова, но кога ќе ги завршиме нашите преговори, затоа што се плашиме дека ова може да се претвори во бескрајна приказна и ќе следат нови и нови барања и никој не знае кога тоа ќе заврши“,
рече премиерот Мицкоски.
Премиерот, покрај тоа, наведе дека кога се зборува за европската иднина треба да се зборува и за заеднички вредности, за вештачката интелигенција, за добрата животна средина, за економијата, за подобро образование, а не за нешто кое се случувало во средниот век.
Балканизацијата на Европската унија, според него, е проблем, затоа што ако се злоупотребуваат институциите во Брисел за решавање на билатерални прашања, тоа е различно од идејата на Де Гаспер, Шуман и Аденауер, основачите на европската заедница.
Целиот разговор со премиерот Мицкоски во Атлантскиот совет во Вашингтон можете да го погледнете ТУКА.
Инаку, покрај обраќањето на настанот во Вашингтон, Мицкоски синоќа, преку објава на Фејсбук, соопшти дека имал средба со претседателот и извршен директор на Атлантскиот совет, Фредерик Кемпе, со кого разговарале за актуелните геополитички предизвици, улогата на Македонија во евроатлантските интеграции и можностите за продлабочување на соработката во иднина.
Инаку, премиерот, кој во Вашингтон е од средата ќе биде и еден од говорниците на годишната Конференција за конзервативна политичка акција, потврдија вчера организаторите, објавувајќи промотивно видео на социјалните мрежи.
Ова е трето патување на Мицкоски во Вашингтон откако стана премиер. Првото беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а втората посета се случи во јануари годинава, кога премиерот беше во Вашингтон по повод инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.