На крајот од самитот се очекува двајцата лидери да одржат заедничка прес-конференција
Во пресрет на утрешната средба на претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот претседател Владимир Путин, која ќе се одржи на Алјаска, официјална Москва денеска објави детали за долгоочекуваниот состанок.
Средбата ќе се одржи во воената база „Елмендорф-Ричардсон“ во градот Енкориџ на Алјаска на 15 август (петок) во 11:30 часот по локално време, односно во 21:30 часот по средноевропско време.

Трамп и Путин најпрво ќе имаат тет-а-тет состанок, единствено со придружба на преведувачи. Потоа ќе следува состанок во проширен состав на кој ќе бидат присутни делегациите на САД и Русија, како и работен појадок.
Руската делегација ќе биде во состав на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белошов, министерот за финансии Антон Силуанов, шефот на рускиот суверен фонд за богатство Кирил Дмитриев и помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
На крајот од самитот се очекува двајцата лидери да одржат заедничка прес-конференција.
„Времето на состанокот ќе зависи од тоа како ќе се одвива дискусијата. Секако, постојат временски параметри, но ви кажав – кога ќе започнат преговорите, а кога ќе завршат, ќе зависи, пред сè, од претседателите“,
изјави помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, пред новинарите.
Ушаков додаде дека Украина и перспективите за завршување на војната ќе бидат централна тема на разговорите, но дека двајцата лидери ќе зборуваат и за трговската и економската соработка на САД и Русија, како и за пошироко безбедносни и меѓународни прашања.