Првите двајца од седумте преживеани во автобуската несреќа во Бугарија утре ќе бидат префрлени во Скопје, а првично ќе бидат сместени во скопските клиники.
В недела (28 ноември) ќе бидат префрлени уште двајца од повредените, други двајца на 30 ноември, а последниот преживеан ќе биде префрлен на 1 декември.
Српскиот државјанин, кој е меѓу преживеаните, ќе биде пренесен во Србија,
Планот за пренесување на повредените патници на прес-конференција попладнево го соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Сите повредени, рече шефот на дипломатијата, се во добра здравствена состојба и стабилни.
За пренесување на посмртните останки на 45-те загинати, пак, во Владата е формирана работна група во која, покрај Османи, се и министерката за труд и социјална работа Јагода Шахпаска, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Очекувањата, според Османи, се процедурите на идентификација на телата да завршат наредната недела и првичните најави се дека тие ќе бидат готови кон вторник или среда.
Шефот на дипломатијата рече дека Владата е подготвена за пренесување на посмртните останки и ќе продолжат со комуникацијата со бугарските власти и Амбасадата на РСМ во Софија, како и со семејствата на жртвите и повредените.