Изјавите како што беше таа на амбасадорката Анџела Агелер, според претседателот на Советот, треба да се упатени кон политиката. Начинот на кој се избира шефот на ОЈО ГОКК, вели тој, е системско решение наметнато со законите за јавно обвинителство и за Совет на јавни обвинители. Кога се правеле тие закони, посочи Јолевски, сите предлози што тие како Совет ги дале никој не ги зел предвид, па бил донесен закон што и за нив бил „збунувачки“

Претседателот на Советот на јавни обвинители (ЈО), Антонио Јолевски, денеска не сакаше да се впушта во коментира откако во петокот амбасадорката на САД, Анџела Агелер, остро го критикуваше изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на барањето на „360 степени“ за став за целиот процес и епилогот од него.
„Не ги коментирам изјавите на дипломатските претставништва. Тоа се нивни изјави и сметам дека тие треба да се упатени кон политиката, а не кон судството бидејќи, како што прочитавте, спомнува политичките влијанија, значи тоа прашање треба да се упати кон некој друг што ги носи и предлага законите. Ние ги спроведуваме законите. Во рамките на она што ни е дадено како можност да спроведеме, спроведуваме онака како што е пропишано. Надвор од тоа не сме излегле ниту, пак, сме оставиле простор да не биде запознаена јавноста онолку колку што ние имавме можност“,
изјави Јолевски откако на денешната прес-конференција новинарите му цитираа дел од ставот на Агелер.
Улогата на Советот во изборот на нов шеф на ОЈО ГОКК, според него, било во рамки на она што се надлежностите и можностите што ги дава законот.
„Делот на ставот на странските дипломати не можам да се впуштам, тие се странски дипломати и немам што тука да се произнесам, можам да се произнесам за оној дел што прашувате дали Советот чувствува некаква одговорност во делот за избор. Советот не беше вклучен во делот на избор, во ниедна фаза, не можеше да дава мислење, исклучени сме од секакво мислење во изборот на обвинител за шеф на ОЈО ГОКК“,
рече Јолевски одговарајќи на едно од неколкуте прашања во врска со ставот на американската амбасадорка.
Начинот на кој се избира шефот на ОЈО ГОКК, вели тој, е системско решение наметнато со законите за јавно обвинителство и за Совет на јавни обвинители. Кога се правеле тие закони, посочи Јолевски, сите предлози што тие како Совет ги дале никој не ги зел предвид, па бил донесен закон што и за нив бил „збунувачки“.
„Тоа е системско решение, она што како предлог од Советот беше испратено до Министерството за правда ништо не влезе во одредбите од Законот. Се донесе и Закон за јавно обвинителство и Закон за Совет на јавните обвинители, без да се имаат предвид сите забелешки и од Советот и од работната група што беше формирана за изготвување на тие закони. Затоа реков, дојде сосема друг текст кој и нас ни е збунувачки и не е во ред и треба да се доработи“,
рече Јолевски.
За потсетување, во писмениот одговор од Агелер на нашите прашања, кој го објавивме во петокот (18 ноември) јасно се вели дека амбасадорката и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, патем, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Се додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.
„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ’мала врата‘ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“,
одговори амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, на прашањето на „360 степени“.
Речиси идентични прашања по повод изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОКК, „360 степени“ упати и до Амбасадата на Кралството Холандија и до Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Можеби не толку остро како амбасадорката на САД, но и од холандската дипломатска мисија во земјава јасно ставија до знаење дека немаат високо мислење за изборите на нов шеф на ОЈО за ГОКК и за епилогот. Меѓу редови, порачаа дека поради ветувањата за борба против корупцијата ја кренале рампата за старт на преговори со ЕУ и дека нивниот став во иднина ќе зависи од однесувањето на обвинителството на оваа тема.
Најмека реакција на нашите прашања имаше од Канцеларијата на ЕУ во земјава. Но, и тие во одговорот нагласија дека очекуваат новиот шеф на ОЈО ГОКК да работи „посветено и во дух на независност“ и дека борбата против корупцијата ќе биде под детален надзор на ЕУ.