Во земјава досега се вакцинирани вкупно 118 894 граѓани, од нив првата доза ја примиле вкупно 97 004 граѓани, а останатите 21 890 се ревакцинирани. Според податоците на Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден се аплицирани вкупно 13 725 вакцини, од кои 12 487 за прва доза, а останатите како ревакцина.
„Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 256 346 граѓани. Со последните бројки 32% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина“,
велат од Министерството за здравство.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
„Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат“,
велат од Министерството.