Посочи дека посочи дека последните четири до пет години, групата ДНК често настапувала низ државата и дека во последните години на настапите се користеле прскалки, но никогаш не се случиле инциденти
„Паднав во стампедото, настана хаос. Се чувствуваше силен мирис што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче, кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух, што ни даде надеж. Момчето над мене се помрдна за да ја извлечам ногата и така излегов“, рече Костадиновска
Ја изведувавме песната „Што сака нека биде“ и на самиот рефрен се вклучија прскалките. Ништо не беше неочекувано оти на оваа песна секогаш се палат. Почувствував топлина и инстинктивно погледнав нагоре. Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Ова на денешното рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија во својство на сведок го рече Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК и редовен професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.
Посочи дека со години работи како придружен вокал со повеќе македонски изведувачи. Таа не била постојан член на ДНК, исто како и нејзината колешка и пријателка Сара Пројковска, која трагично загина во пожарот.

На прашањата од Обвинителството и од одбраната за тоа кој ги поставил и кој ги активирал прскалките за време на настапот, таа остана на ставот дека не знае и не видела кој ги вклучил, посочувајќи оти е можно тоа да го правело и техничко лице од клубот.
Во однос на техничката екипа, Костадиновска изјави дека улогата на Мартин Атанасовски била грижата за техниката, но оти никогаш не видела кој ги мести прскалките во ниту еден клуб. Според работата што ја извршувал Атанасовски, додаде дека можеби бил и тој.
Посочи дека последните четири до пет години групата ДНК често настапувала низ државата и дека во последните години на настапите се користеле прскалки, но никогаш не се случиле инциденти.
На денот на настапот во Кочани пристигнале со автомобил, со кој управувал Андреј Ѓорѓиевски, а таа заедно со Игор Велков (тонец) и Сара Пројковска (придружен вокал) биле сопатници.
„Мислам дека Панчо дојде со својот автомобил. Ние секогаш доаѓавме порано за да ја одработиме тонската проба, а Панчо доаѓаше подоцна“,
рече таа.
Настапот, како што кажа, почнал околу еден и пол по полноќ. Посочи дека дискотеката била полна, но дека не може да го каже точниот број на лица што биле присутни.
„Прскалките се вклучија на рефренот од песната ‘Што сака нека биде‘. Ништо не беше неочекувано, на оваа песна секогаш се палат. Инстинктивно погледнав нагоре бидејќи почувствував топлина. Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да изеземе од таму, но беше заклучена. Потоа, кога ситуацијата веќе ескалира, излеговме по подолгиот пат“,
кажа Костадиновска.
На прашањето дали видела некој да употреби противпожарен апарат, рече оти мисли дека газдата донел и му го дал на Панчо, но таа веќе била на излезот.
„Лично не видов повеќе никој од бендот. Паднав во стампедото, настана хаос. Се чувствуваше силен мирис што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче, кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух, што ни даде надеж. Момчето над мене се помрдна за да ја извлечам ногата и така излегов“,
вели таа.
Одговори негативно на прашањето дали се сеќава на лицето што ѝ помогнало, но подоцна дознала дека станува збор за момче од Виница што спасило повеќе лица.
Сè уште чувствува последици од повредите. По згрижувањето во болницата во Кочани, пријателка ја однела до Скопје, каде што два дена била хоспитализирана во болницата „Аџибадем Систина“.
„Коленото ми беше набиено навнатре и сè уште имам болки. Имав изгореници на лицето, веројатно од високата температура во клубот, како и траги од изгореници како од цигара“,
рече Костадиновска.
Веста за загубата на блиските пријатели, како што додаде, сè уште не ја прифатила во целост.
Во вкрстеното испитување, бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, ја потсети на нејзиниот исказ даден во Обвинителството, во делот за вратата, која според претходната изјава била заклучена со катанец и за наводното присуство на полицијата.
Судот не го дозволи прашањето, со образложение дека сведокот пред судот не посочила дека полицијата влегла и вршела легитимирање.
На прашање на адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шефкет Хазари, пензиониран раководител од Министерството за економија, дали го видела во дискотеката, Костадиновска одговори негативно.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
