Вечерва во градот Нови Пазар во Србија се одржува голем антивладин собир насловен „Слободата владее со чаршијата“, а дел од учесниците од различни места на Србија на собирот пристигнаа синоќа пеш и со велосипеди. Истовремено, вечерва во Белград се одржува голем собир насловен „Не ја даваме Србија“, за поддршка на претседателот Александар Вучиќ

„Слободата владее со чаршијата“ е насловен ативладиниот протест на студентите во блокада што вечерва се одржува во српскиот град Нови Пазар, а на кој учествуваат илјадници граѓани.
Утрово во Нови Пазар студентите ја блокираа раскрсницата на влезот во градот за да спречат автобуси со приврзаници на владејачката партија СНС да тргнат кон Белград, каде се одржува митинг за поддршка на претседателот Александар Вучиќ, при што интервенираше полицијата.
„Се приклучив на оваа авантура затоа што сакам да променам нешто во мојата земја. Едноставно не можам да седам дома и да се надевам дека нешто ќе се промени бидејќи нема. Мораш да направиш нешто сам“,
– рече Богдан, студент од Крагуевац, на собирот во Нови Пазар.
Универзитетскиот професор од Нови Пазар, Ахмедин Лекпек, рече дека денеска е со колегите од факултетот за да ги поддржи студентите и да пречека гости од цела Србија.
„Сите сме на ист пат, со иста цел – универзитетите да бидат слободни заедници и Србија да биде прогресивна и слободна држава“,
рече тој.
Во исто време, 50 српски студенти со велосипеди патуваат до Стразбур, надевајќи се на поддршка од институциите на Европската Унија.
Истовремено, во Белград вечерва се одржува вториот ден од собирот насловен „Не ја даваме Србија“, а поводот е основањето на „сенародно движење“, кое го најавуваше претседателот Александар Вучиќ. Тој на надлежните органи и институции им изнесе пет барања, наведувајќи дека никогаш нема да се откаже од нивното исполнување.

Вучиќ најави дека идеите на движењето ќе ги презентира и во Ниш, Нови Сад и Крагуевац.
„Ни треба нова енергија и сила. Имаме многу прекрасни луѓе во сите партии. Но, ни треба нов план и затоа има движење, затоа тргнавме со образовани луѓе да изградиме движење, но движење на народот. Секој работник, земјоделец, домаќинка, чесен човек кој се бори за својата земја е добредојден. Затоа сте сите добредојдени“,
рече Вучиќ.