Тој истакна дека во новото законско решение вредноста на казните ќе се покачи за да се спречат немили настани како во „Пулс“ во Кочани и додаде дека работна група веќе работи на тоа

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека во наредниот период ќе се изготват измени и дополнувања на Законот за угостителска дејност, со што ќе се овозможи проверката на тоа дали објектите ги исполнуваат минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа.
Со тоа, како што вели Дурмиши, пријавата за исполнување минимални техничките услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како придружен документ во барањето за лиценца, ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат.
„Како што сум информиран во 2008 година, за да се подобрува бизнис-климата и странките побрзо да стигнат да работат, во тоа време добронамерно е менуван Законот каде што странката сама под морална и кривична одговорност ги доставува податоците до Државен пазарен инспекторат (ДПИ) во подрачјето каде што се отвора дискоклуб или ноќен бар. Пред 2008 година требаше странката да аплицира до ДПИ, па тие да излезат на терен да проверат дали се исполнуваат минималните технички услови и задолжително да го известат Министерството за економија“,
рече Дурмиши на денешната прес-конференција.
Тој истакна дека во новото законско решение вредноста на казните ќе се покачи за да се спречат немили настани како во „Пулс“ во Кочани и додаде дека работна група веќе работи на тоа.
„Не знам колкави ќе бидат казните, но ќе бидат многу повисоки за да се спречи да ни се случуваат немили настани. Очигледно е дека ќе се враќаат како што беа во 2018 година кога висината беше многу поголема отколку сега“,
рече Дурмиши.
Прашан колку лиценци за кабаре се издадени за време на неговиот мандат, Дурмиши рече дека не го знае точниот број и додаде дека во архивата на Министерството има вкупно 24 активни издадени лиценци, од кои 18 се за кабаре, а другите се за клубови. За тие што немаат лиценци и работат, посочи дека има други надлежни органи кои треба да направат инспекција и соодветно да ги казнат.
На новинарско прашање дали ексминистерот Крешник Бектеши има вина, Дурмиши рече дека не е надлежен да дава мислење за тоа.
Тој кажа и дека биле извршени 116 вонредни надзори врз основа на Законот за угостителска дејност при што решение за привремена забрана добиле 10 правни субјекти, а утврдено е дека 15 правни субјекти од 23 кои имаат активна лиценца не ги исполнуваат минималните технички услови. Кај шест правни субјекти кои немаат лиценца или им е истечена, а е утврдено дека функционирале во изминатиот период, издадени биле решенија за забрана за вршење на дејност. При тоа, рече Дурмиши, се издадени околу 60 прекршочни платни налози, а на сите кои не го почитуваат законот ќе им се забрани дејноста.
Прашан дали смета дека има одговорност за случајот „Пулс“, рече дека нема некој во земјава кој во овие моменти не чувствува морална одговорност.
„Она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија во едно место, туку е алармантен симптом на распаднат систем длабоко вкоренет во долгогодишна корупција кој го наследивме. За лажната лиценца на ’Пулс’ органите на прогон веќе постапуваат. Ние како Министерство за економија и труд не сме надлежни и немаме механизам за проверка дали некоја компанија или фирма има лиценца или не, дали работи со документ или не. Едноставно немаме механизам за тоа да го контролираме. Во Министерството се прават политиките и законите, а одговорноста е кај тие институции кои треба да бидат на терен и да вршат контрола“,
додаде Дурмиши.
Министерот образложи и за надлежностите што ги има Министерството за економија и труд при издавањето на лиценцата.
Пријавата за исполнување минимално-технички услови за вршење угостителска дејност, Дурмиши вели дека правниот субјект ја пополнува со бараните основни податоци за субјектот, дејноста, просторија за лична хигиена на гостите, посебни одредби за вработените, капацитет за простор за послужување, вентилација, број на излези за итни ситуации и многу други критериуми. При тоа, вели министерот, истиот изјавува дека дадените податоци во пријавата се вистинити и притоа образецот го доставува во подрачно одделение на Државниот пазарен инспекторат.
Тој објасни и кои документи, освен пријавата за исполнување минимално-технички услови за вршење угостителска дејност, треба да се достават кон барањето за издавање на лиценца.
„Решение за упис во трговскиот регистар издадено од Централниот регистар на Република Северна Македонија кој треба да биде во оригинал и не постар од 6 месеци, одлука за определување на висната на надоместокот за кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор, донесена од советот на општината и согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на внатрешните работи дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност на сообраќајот која треба да биде во оригинал“,
рече Дурмиши.
Тој објасни дека откако ќе биде поднесено барањето во Министерство за економија и труд таму се разгледува документацијата која содржи акти и документи издадени од други институции и врз основа на истата, доколку се исполнети условите е задолжена да ја даде лиценцата за вршење угостителска дејност во ноќен бар, кабаре, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор со период на важност од една година.
„Министерство за економија и труд не е надлежно ниту има механизам за вршење увид, надзор или контрола во објектот во кој ќе се врши дејноста. Во однос на висината на надоместокот кој треба да го плати вршителот на дејноста истата ја определува советот на општината. Надоместокот 50 отсто се уплатува на сметка на општината, а 50 отсто се уплатува во буџетот на Република Северна Македонија“,
рече тој.
Што се однесува до согласноста за тоа дали се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност на сообраќајот, Дурмиши рече дека барателот може за истиот да поднесе барање до Министерство за внатрешни работи, а доколку не поднесе, по службена должност Министерството за економија и труд ќе се обрати со барање за мислење до МВР.
Зависно од мислењето на МВР, Министерството за економија и труд ја издава или не соодветната лиценца за која е поднесено барањето.