„Договори за стратешки партнерства со пријателски земји како Обединетото Кралство не смеат да се злоупотребуваат за тајно водење преговори и задолжување на граѓаните под услови за кои тие претходно не биле информирани и ги немале потребните сознанија за да веруваат дека во нивно име е направен најдобриот избор“, велат граѓанските организации кои се дел од Платформата за борба против корупцијата
Договорот влада со влада со Обединетото Кралство е втор договор од ваков тип кој Владата го потпишува без претходно навремено да ја информира јавноста за деталите и условите кои се прифаќаат со него, велат од Платформата на граѓански организации за борба против корупција, реагирајќи дека процесот е нетранспарентен.

„Еднакво како што се јавува целосна транспарентност на трошењето на парите од оваа кредитна рамка, Владата требаше да обезбеди транспарентност и на процесот на преговарање и условите кои се вклучени во договорот што Владата го прифати на својата седница на 20 мај 2025 година и го потпиша на 22 мај во Лондон“,
велат од Платформата.
Оттаму побараа Владата во иднина јавно да ги објавува деталите од ваквите договори пред да бидат потпишани, а не по потпишувањето, кога сите услови во нив се веќе прифатени. Нотираат дека во Стратегијата за управување на јавниот долг 2025-2027 година, стои дека еден од принципите при управувањето со долгот е обезбедување транспарентност при процесот на негово креирање.
„Договори за стратешки партнерства со пријателски земји како Обединетото Кралство не смеат да се злоупотребуваат за тајно водење преговори и задолжување на граѓаните под услови за кои тие претходно не биле информирани и ги немале потребните сознанија за да веруваат дека во нивно име е направен најдобриот избор“,
додаваат од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Во Лондон вчера беше потпишан договор влада со влада меѓу С Македонија и Обединетото Кралство со кој на земјава ѝ се ставаат на располагање шест милијарди евра за инфраструктурни и капитални проекти.