Во врска со оваа набавка денеска повторно се огласи и Шилегов, кој побара од Антикорупциската комисија да ги испита наводните сомнежи што ги објавува опозицијата
Противпожарната скала е неопходна за потребите на скопската противпожарна бригада и потребата од нејзино купување се провлекува веќе 10 години, вели командантот Владимир Симоновски, кој денеска одржа прес-конференција како реакција на вчерашните преписки меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и градоначалникот Петре Шилегов во врска со оваа набавка.
„Противпожарната скала е купена по наши препораки како стручни лица, направена е анализа на територијата на Град Скопје, направени се испитувања на теренот и е за потребите на градот во оној дел каде што имаме секојдневни проблеми, дали од градба дали од урбанизација, за да можеме да ја користиме скалата од пристапните улици што ги имаме. Можевме да купиме и поголема, но немаше да имаме потреба од неа“,
вели Симовски.
Вчера Мицкоски обвини дека Скопје ја плаќа 1,7 милион евра, односно двојно повеќе отколку што таа скала ја купил Загреб.
Симовски вели дека тендерот бил меѓународен и на него се јавила само унгарската компанија „Хороскоп“, а разликата во цената помеѓу скопската и загрепската е поради дополнителната опрема.
„Се прави споредба со загрепската противпожарна скала, која е од ист тип и ист производител. Истото и Скопје го купи, но овде станува збор за различна дополнителна опрема што е побарана. Тоа е исто како да земете да купите голф 7 од обична верзија и голф со дополнителна опрема – секогаш дополнителната опрема ја плаќате дополнителна. Затоа е и разликата во цените помеѓу загрепската и скопската скала. Ние со оваа дополнителна опрема можеме да кажеме дека граѓаните што живеат на 5 кат или погорните катови имаат безбедност и може да се чувствуваат сигурно“,
вели Симоновски.
Тој објаснува дека скалата има и дополнителна носилка за спасување на повредено лице до 200 килограми, има електромагнетна стабилност како и друга противпожарна дополнителна опрема.
Со оглед дека станува збор за специфична опрема, самиот производител е должен да обучи 8 пожарникари и 8 ракувачи за да може да се користи скалата.
Шилегов самиот побара Антикорупциска да ги испита сомнежите
Покрај за цената, Мицкоски вчера обвини и за судир на интереси бидејќи, како што тврдеше, партнер на унгарската компанија со седиште во Будимпешта е фирма каде што косопственик е зет на секретарот на Град Скопје.
Во врска со оваа набавка денеска повторно се огласи и Шилегов, кој побара од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) да ги испита наводните сомнежи што ги објавува опозицијата.
„Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала“,
вели Шилегов.
Од Градот велат дека ова е првпат противпожарната бригада во Скопје да набави ваква опрема, а набавката, како што нагласуваат, е спроведена низ високотранспарентна постапка на меѓународен тендер кој траеле 6 месеци и чија вредност изнесува 1,7 милион евра со ДДВ.
