Граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух во Гостивар“ денеска преку протестно дефиле испрати порака до надлежните институции за изнаоѓање решение за „тивкиот убиец“, како што ја нарекуваат нестандардната депонија Русино.

Тие бараат затворање на депонијата, современ пристап за управување со отпад, изнаоѓање решение за отпадот што ќе остане по затворање и нова локација за депонија по ЕУ стандарди.
„Русино не е депонија. Русино е само место каде се складира секаков вид отпад. Русино постојано гори и ние се сомневаме дека отпадот се пали бидејќи по дваесет години користење, капацитетот е веќе исполнет. Состојбата е поразителна и еколошки недозволива и штетна за здравјето на гостиварци. Нашите сознанија упатуваат на катастрофална состојба со почвата на ова подрачје. Има испитувања чии резултати покажуваат на енормна загаденост. По Сушичка река тече кафеава и загадена вода. Во Гостивар стана секојдневие: затворете ги прозорите, труе, гори Русино. Значи комплетно загадување на водата, подземните води, почвата и воздухот“,
изјави Валентина Штерјоска, еко – активист.
Преку социјалните мрежи членовите на граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух во Гостивар“ речиси секојдневно објавуваат слики и видеа со состојбата на депонијата и ги предупредуваат сограѓаните кога се има енормна загаденост. Тие претходно најавија голем протест, но поради мерките за заштита од ковид-19, го одложија.