Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, изјави дека е сто отсто сигурен дека иницијатива „Отворен Балкан“ не може да ја спречи никој
Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ изјави дека мирот е главната политика и порака која претседателот на Србија Александар Вучиќ ја носи со својата посета во Тирана, откако вчера илјадници луѓе излегоа на улиците во Тирана во знак на протест поради доаѓањето на Вучиќ, кој денес присуствува на иницијативата „Отворен Балкан“.
Протестот беше организиран од поранешниот албански премиер Сали Бериша, кој истакна дека овој протест е против иницијативата „Отворен Балкан“, кој според него настојува да ја врати српската хегемонија на Балканот.
Стефановиќ оценува дека посетата на Вучиќ во Албанија и неговите разговори со Еди Рама и Зоран Заев се само уште еден чекор кон мир и соработка во регионот и остварување на политика која има иднина, пренесува РСЕ.
„На оние што протестираа на улиците на Тирана и го палеа српското знаме им пречи Александар Вучиќ, но уште повеќе им пречи неговата политика која става точка на Балканот како подрачје полно со судири и омраза и отвора простор за соработка и слобода кои ни припаѓаат како дел од Европа“,
наведе Стефановиќ.
Тој додаде дека протестите се „немоќни обиди за искажување омраза кон своите соседи, наспроти огромната желба на албанскиот и македонскиот народ да ги надминат разликите што ги разделуваат“.
„Времето на Бериша и неговите хулигани одамна пројде. Новата историја на Балканот се прави и покрај нивното дивеење, а таа ќе биде време на соработка, поголема трговија, туризам, патувања, вработувања и инвестиции. Таквиот Балкан го посакуваат огромен број луѓе што живеат на овие простори, а тој ќе стане нашата реалност“,
истакна Стефановиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека е сто отсто сигурен дека иницијатива „Отворен Балкан“ не може да ја спречи никој, а дека е една од најголемите идеи на денешна Европа.
„Една реченица на Френклин Рузвелт вели: ‘Можеби не сме подготвени да ја подготвиме иднината на нашите деца, но можеме да ги подготвиме нашите деца за иднината’. Навистина мислам дека оваа иницијатива е поголема од кој било од нас и е нешто што ќе создаде основа за иднината на нашите деца“,
порача Вучиќ и додаде дека оваа иницијатива ги отвора границите меѓу луѓето.
Тој истакна дека „Отворен Балкан“ е вистинската основа за подобар економски развој на трите земји во иднина и додаде дека синоќа разговарал со бизнисмени од Албанија, а во разговорот, како што кажа, препознал искрена желба за инвестиции во Србија и Северна Македонија, посочувајќи дека познава и многу луѓе од Србија кои сакаат да инвестираат во Албанија и Северна Македонија.
Албанскиот премиер Еди Рама на почетокот на седмиот состанок во рамки на оваа иницијатива упати повик до Косово, Црна Гора и БиХ да се приклучат кон иницијативата „Отворен Балкан“, кој се одржува во Тирана, а на кој присуствуваат и премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ.