Претседателот Вучиќ претходно најави дека владата на Србија денес ќе донесе одлука да испрати барање до КФОР за обезбедување присуство на српските сили на северот на Косово и Метохија
Србите остануваат на барикадите, во знак на протест поради апсењето на Дејан Пантиќ и присуството на специјалните единици на косовската полиција. Ноќта на северот на Косово помина мирно, а протестите влегуваат во шестиот ден.

Дополнителни тензии во и онака напнатата ситуација донесе изјавата на шефот на ЕУЛЕКС, Ларс Гунар Вигемарк, за „Косово онлајн“ кој рече дека мисијата на ЕУ има контрадикторни информации за уапсениот Дејан Пантиќ и дека сè уште не знаат каде се наоѓа. Ова сега се проверува, вели тој, и додава дека ќе испрати полициска единица и полициски советник во Лепосавиќ.
На ова реагираше директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој рече дека е скандалозно што ЕУЛЕКС не знае каде е Пантиќ.
Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар. Разговорот, како што вели, бил искрен и фер.
Лајчак на Твитер напиша дека со претседателот на Србија разговарал за ситуацијата на Косово и Метохија и дека се бара политичко решение за отстранување на барикадите.
Од друга страна, Габриел Ескобар за РТС изјави дека САД го отфрлаат враќањето на српските сили на Косово бидејќи се против, како што вели, милитаризација на проблемот, но се за дијалог.
Претседателот Вучиќ претходно најави дека Владата на Србија денес ќе донесе одлука да испрати барање до КФОР за обезбедување присуство на српските сили на северот на Косово и Метохија.
Премиерката Ана Брнабиќ на средбата со Ескобар посочи дека апсењето на Србите без докази и обвиненија е кршење на цивилизациските норми, владеењето на правото и договорите кои ги гарантира Европската унија.
Инаку, вчера се одржа состанок на Кризниот штаб, од кој на граѓаните им порачаа да останат упорни, но воздржани.
„Прво да ги почитуваат меѓународните претставници на КФОР и ЕУЛЕКС бидејќи тие се таму на терен согласно меѓународните договори“,
изјави потпретседателот на Српската листа, Горан Симиќ, по состанокот на Кризниот штаб.
Во меѓувреме, 14 нови советници дадоа заклетва на Собранието на општина Северна Митровица, кое го избра новото свикување на парламентот и формираше нов законодавен орган.
Меѓу новите советници, во општината со мнозинско српско население, еден од 16-те пратеници е Србинот Душан Милуновиќ од листата на „Граѓанска иницијатива српски опстанок“.
Откако Србите ги напуштија косовските институции, ЦИК одобри смена на советниците во општинското собрание на Северна Митровица, каде Албанците сега се мнозинство.
За претседател на собранието е избран Неџад Угљанин од Граѓанската иницијатива Митровица.
Додека продолжуваат протестите на северот на Република Косово, претседателот и премиерот на привремените институции на Приштина, Вјоса Османи и Албин Курти и претседателот на Собранието Глаук Коњуфца го потпишаа барањето за членство во Европската унија. Курти најави дека во текот на оваа недела Приштина официјално ќе поднесе барање за членство во Европската унија.