Сообраќајот на две крстосници во центарот на Софија е целосно блокиран од страна на демонстрантите кои уште синоќа се заканија дека ќе постават шаторски камп.

Полицијата го пренасочува и го регулира сообраќајот, а јавниот превоз е со изменет возен ред.
Во повеќе од десет бугарски града вчера се одржаа најмасовните антивладини протести, кои се одржуваат веќе 21 ден по ред.
Беа блокирани клучни улици во Софија и во другите градови. Барањата на демонстрантите остануваат непроменети, а тоа се оставки на владата, лично на премиерот Бојко Борисов, на јавниот обвинител Иван Гешев и одржување на фер избори.
Протестите почнаа откако Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Радев.
По две недели непрекинати протести, премиерот Бојко Борисов минатата недела ја реконструира владата, беа сменети неколку министри, но демонстрациите остануваат на барањата за оставка од целата влада. Претседателот Румен Радев, исто така, побара оставка од владата пред десетина дена, а кога се сменија само неколку министри, тој излезе со коментар дека тоа е само обид да се купи време на штета на Бугарија.