Ѓорги Танушев, советник во Советот на Општина Струмица од Коалицијата „Стига“ и еколошки активист, посочи дека, според медицинските статистики, Струмица е на врвот според болестите предизвикани од тоа
Под мотото „Забрането дишење“, во организација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица, струмичани денеска излегоа на протестен марш поради енормното загадување на воздухот со ПМ 10 честички.
Организаторите побараа спроведување на план за итни мерки и долгорочни решенија за заштита на животната средина во Струмичката Котлина и за намалување на загадувањето со вонредни и краткорочни мерки.

„Привремена забрана за работа на индустриските погони со висок степен на загадување додека не се инсталираат филтри и не се потврди усогласеност со еколошките прописи, контрола на согорување на опасни и несоодветни материјали во пластениците и индустриските објекти со дваесет и четиричасовни патроли, користење на рачни мерачи и дронови, итно затворање на дивите депонии кои испуштаат токсични гасови, нивна санација и физичко обезбедување на локациите со камери и бариери, зачестена контрола на нелегална сеча на огревно дрво, забрана за дотур и пуштање во промет на огревно дрво што не е отстоено во склад осум месеци од денот на сечење“,
рече Оливера Аризанова Мансабрт, која ги пренесе барањата на еколозите за намалување на загадувањето на воздухот во Струмица.
Таа истакна и други барања за намалување на загадувањето, кои ќе бидат доставени до надлежните за да постапат по нив.
Според Стојан Велков-Трн, институциите кои треба да се справуваат со загадувањето спијат и има несовесни загадувачи кои горат сѐ и сешто во своите печки.
„Ова загадување е масовно убиство на Македонија. Ова загадување го има во сите градови, но Струмица води, таа е втора во Македонија, седма во Европа. Од каде ова загадување сите се прашуваме. Имаме индустриски капацитети што загадуваат, имаме фабрики што работат без филтри, имаме несоодветно регулиран сообраќај, имаме домови кои користат најразлични материјали за затоплување, но најголем загадувач е корупцијата која владее“,
истакна Велков-Трн.
Ѓорги Танушев, советник во Советот на Општина Струмица од Коалицијата „Стига“ и еколошки активист, посочи дека, според медицинските статистики, Струмица е на врвот според болестите предизвикани од тоа.
„Според статистиката од Институтот за јавно здравје за 2023 година Струмица е прва по циркулаторни болести на млади луѓе до 18 години. Ова е катастрофа. Ова се официјални медицински податоци и се исти како во Битола со која го делиме првото место, но ние го немаме РЕК ‘Битола’. На второ место е Кичево, каде е РЕК ‘Осломеј’, а Струмица што има? Се наоѓаме на второ место по нервни заболувања на младите луѓе. Овие извештаи се официјални и секој може да ги провери“,
рече Танушев.
Тој додаде дека Струмица е на седмо место по загаденост во Европа и на 522 место од 7,5 илјади градови во светот.
Протестниот марш се одвиваше по улиците на Струмица, а заврши пред зградата на Општина Струмица, каде што беа прочитани барањата на еколозите за намалување на загадувањето.
Протестот го поддржаа повеќе политички партии, а на протестот учествуваше и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
