Демонстрантите пред Основниот кривичен суд побараа казната затвор да биде зголемена и да се земат предвид околностите според кои е сторено кривичното дело, еднаков пристап до правда и правични пресуди за ромската заедница во случаи кога жртвата е Ром/ка, како и активно учество на ромската заедница во судската власт
Со извици „Правда за Мануел“ и „Правда за Ромите“ денеска се одржа протестен марш од булеварот „Никола Карев“, познат како Пластичарска улица, до Кривичниот суд против изречената казна од две години и три месеци за 21-годишниот Шукри Зеќири од Скопје, кој на 12 октомври со автомобил го прегази малиот Мануел, а потоа побегна од местото на несреќата.
Институтот за истражување и политички анализи „Ромалитико“ како организатор на протестот побара казната за обвинетиот да биде максимална.
Инаку, обвинетиот доби единствена казна затвор од две години и три месеци.

„Губењето на животот на мојот син е трагедија и болка којашто ќе нè следи до крајот на животот и најмалку што може судот да направи е да донесе праведна одлука за казна на сторителот. Подготвен сум да ја истерам правдата до крај“,
истакна таткото на Мануел Асановски, детето кое беше усмртено во сообраќајката, Себастиан Асановски.

Елвис Шаќири, извршен директор на „Ромалитико“, ги повика судството и властите да ги признаат овие неправди и да преземат итни мерки за да се отстранат овие разлики.
„Крајно време е да се стави крај на овој дискриминаторски третман. Бараме реформи кои обезбедуваат правични судења, непристрасни пресуди и еднаков третман на сите поединци, без разлика на нивната етничка припадност“,
истакна тој.
демонстрантите пред Основниот кривичен суд побараа казната затвор да биде зголемена и да се земат околностите според кои е сторено кривичното дело, еднаков пристап до правда и правични пресуди за ромската заедница во случаи кога жртвата е Ром/ка, како и активно учество на ромската заедница во судската власт.