Обвинетиот Зеќири претходно пред Судот го призна делото што му се става на товар, но рече дека избегал од страв да не биде тепан
Таткото на детето што беше усмртено во сообраќајката на Пластичарска најави жалба за пресудата и рече дека очекувал повисока казна од изречената
Единствена казна затвор од две години и три месеци одреди судијката Марија Клетничка од Основниот кривичен суд Скопје за 21-годишниот Шукри Зеќири од Скопје, кој на 12 октомври на булеварот „Никола Карев“, познат како Пластичарска, во Скопје удри десетгодишно дете кое од ударот почина на самото место, а потоа побегна од местото на несреќата.

На обвинетиот, судијката му одреди и казна забрана за управување со моторно возило во период од три години со што времето поминато во затвор не се смета во казната и му ја продолжи и мерката куќен притвор сѐ до правосилноста на пресудата.
Во пресудата судијката Марија Клетничка наведе дека 21-годишниот Зеќири претходно не бил осудуван за кривично дело.
Обвинетиот Зеќири претходно пред Судот го призна делото што му се става на товар, но рече дека избегал од страв да не биде тепан.
„Се каам за тоа што го направив. Не можам да спијам. Свесно и доброволно признавам“,
рече обвинетиот.
Според обвинението од Основното јавно обвинителство Скопје, обвинетиот се товари за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 и кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по член 301 став 1 од Кривичниот законик.
По изречената судска пресуда, Себастијан Сановски, таткото на детето кое беше усмртено во сообраќајката, ќе има можност за жалба за пресудата.
„Очекував пресуда на 10 години. Кога ќе изгубиш дете, се знае како се чувствуваш. Не посакувам никому да му се случува ова. Ако имаме држава, треба да се суди правилно“,
кажа тој.