На ваков начин работодавачите ќе се претстават како општествено одговорни чинители, кои застануваат на страна на жените жртви на насилство, велат од Платформата за родова еднаквост
„Држава што не постапува е држава што силува“, под ова мото Платформата за родова еднаквост на 8 март ќе маршира за поголема заштита на жените од сексуално насилство и вознемирување, со фокус на скандалот со „Јавна соба“ – групите во кои се шират експлицитни фотографии и лични податоци на жени и малолетнички.
Од Платформата во соопштение до јавноста побараа од работодавачите да ги ослободат работничките од обврски во понеделник на 8 март, од 14 до 17 часот, со цел да присуствуваат на маршот.
„Платформата за родова еднаквост секоја година на 8 март организира марш со цел унапредување на состојбите со правата на жените. Оваа година маршот е посветен на потребата од поголема заштита на жртвите во случајот „Јавна соба“ и кривичен прогон на сторителите на сексуално насилство и сексуално вознемирување. Со маршот ќе побараат систематска и доследна заштита на жртвите во сите случаи на насилство врз жени и родово засновано насилство, преку унапредување на работата на клучните институции“,
велат од Платформата.
Бидејќи родово заснованото насилство е проблем кој го засега целото општество, потенцираат од Платформата, тоа е одговорност на сите чинители, а работодавачите треба да го поддржат овој марш со тоа што ќе им овозможат на жените да присуствуваат.
„На ваков начин работодавачите ќе се претстават како општествено одговорни чинители, кои застануваат на страна на жените жртви на насилство“,
велат од Платформата за родова еднаквост.
Насилството над жените ги засега и работните односи, од една страна, тоа се појавува и во работни средини, најчесто во форма на мобинг и вознемирување, за што работодавачите имаат обврска да преземат превентивни и заштитни мерки. Од друга страна, додаваат од Платформата, насилството над жените има негативно влијание на нивното здравје, работоспособност, посветеност на работата и кариерното унапредување создавајќи бариери за еднакво учество на пазарот на трудот.
„Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група ‘Јавна соба’ и сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме институциите МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања“,
се вели во објавата за маршот за 8 март.