Со македонски знамиња, знамето од Вергина, свирчиња, членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ доцна попладнево го почнаа протестниот марш најавен како протест за правда. Тој започна од пред зградата на Јавното обвинителство на кејот на Вардар во центарот на Скопје и ќе заврши пред Врховниот суд.

Некои од демонстрантите носат и транспаренти на кои се испишани цитати од изјави на Катица Јанева од снимките што беа објавени на “Ла Верита”, како “Се’ ќе биде во ред”, и од Заев – “Има живи луѓе да јадеме”.

Некои носеа и маици на кои пишуваше „И јас сум Заев Лопов! И јас сакам 8 милиони евра”.
Откако околу 18.15 часот пристигна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, демонстрантите се упатија кон комплексот судови.

Протестниот марш го предводи раководството на партијата – Мицкоски, Александар Николоски, Владо Мисајловски, Игор Јанушев, Рашела Мизрахи, кои носат транспарент на кој пишува „Заев е виновен”.

„Македонија, Македонија”, “Никогаш Северна, само Македонија”, “ВМРО-ДПМНЕ” се дел од слоганите кои ги скандираат присутните додека се движат кон Врховниот суд и ја пеат „Едно име имаме“.