Освен оставка од премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, ВМРО-ДПМНЕ на денешниот протест побараа оставка и од Владо Бучковски, кој вчера беше назначен за специјален претставник на македонската Влада за спорот со Бугарија
На државата ѝ се заканува смртоносен вирус, кој ќе го загрози идентитетот, јазикот и историјата, а се нарекува Зоран Заев, порача на денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова.
„Денес сме овде бидејќи во прашање е здравјето на Македонија. Покрај почитувањето на мерките за заштита од ковид-19, нѐ штити и правото, правдата, ама се чини и севишниот. Што сакам да кажам? Забележувате дека ако сакате да ве почитуваат мора да имате самопочит. Јас за тоа им благодарам на сите оние, не само оние кои се овде туку и на оние што се одважија гласно да ја изразат самопочитта кон себе, кон својот народ, кон своите граѓани, кон својата држава“,
рече Силјановска-Давкова.
Силјановска-Давкова рече дека Македонија не може никој да ја уништи, дека нејзината историја е толку длабока што не може ниту еден договор да ја избрише.
„Македонците, како и сите народи, имаат право на своја историја, свој јазик и свој идентитет. Не, не сме ние без корен. Името Македонија ќе го најдете не само во Библијата, туку во многу, многу книги. Името ќе го најдете во многу, многу анализи, на многу карти“,
рече Силјаноска-Давкова.
Пред Владата се обрати и пратеникот Антонијо Милошоски, кој премиерот Зоран Заев и новиот специјален претставник на македонската Влада за спорот со Бугарија, Владо Бучковски, ги нарече едни од најкорумпираните политичари, кои заедно ќе тргуваат со македонските национални интереси.
„Ако до вчера бевме сигурни дека Заев е подготвен да ги распродаде националните интереси на Македонија како еден од најкорумпираните политичари денес заедно со Бучковски како тандем на најкорумпирани политичари во Македонија дефинитивно не можат да направат ништо освен да тргуваат со националните интереси. Морам да изразам жалење што еден од нив како господинот Бучковски како професор на Правниот факултет заради лукративни причини се вклучува во оваа операција за неправда кон Македонија. Затоа нашиот апел денес е не само оставка од Заев, Османи и Димитров туку и оставка од Бучковски од позицијата која не ја заслужува, никој во државата не смета дека тој може да биде претставник во Бугарија. Тој нема легитимитет бидејќи ниту Владата нема легитимитет“,
порача Милошоски.
Освен во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ со возила излезе на протест уште во 15 града во земјава.
Опозицијата веќе неколку дена одржува протест против, како што велат, распродажбата на македонскиот идентитет. Обвинија дека се водат тајни преговори со Бугарија и ја повикаа власта да одговори за што се преговара и што досега е договорено.
На вчерашниот протест, лидерот на партијата Христијан Мицкоски порача дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да почитува никаков нов договор, патоказ или анекс, ако се начне прашањето за идентитетот.