Тоа што добивањето на стипендија, како и практичната работа во здравствена установа во рамки на дуалното стручно образование, било наведено во конкурсот при упис, родителите велат дека било причина што учениците се одлучиле да ги одберат тие паралелки
Во дворот на Општинското средно медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово, денеска се собраа ученици со нивните родители, како и професорите и раководството за да го изразат револтот откако добиле известување од Министерството за образование и наука дека учениците од дуалните паралелки ќе бидат изземени од можноста да земаат стипендија.
Тоа што добивањето на стипендија, како и практичната работа во здравствена установа во рамки на дуалното стручно образование, било наведено во конкурсот при упис, родителите велат дека било причина што учениците се одлучиле да ги одберат тие паралелки.
Кај родителите незадоволството е големо и затоа што властите убедувале да се избере средно стручно образование, како начин на полесно обезбедување работа во иднина.
„Ова право треба да се оствари бидејќи им биле ветени стипендии, уште пред упис, сега имаме известие дека нема да добиваат. Тоа значи дека се деградирани и нивното право кое им беше ветено нема да биде реализирано. Како сите струки така и медицинската е многу битна за секое општество. Ова е тешка професија за која треба да се залага секој за да постигне резултати, да спасува животи и хумано да се однесува“,
изјави Бети Богоев, мајка на ученик.
Друг родител побара одговор зошто тие средства се блокирани и рече дека тие пари ќе бидат поттик и за поголема волја да учат понатаму, а и тие, како што додаде се добро дојдени средства бидејќи се соочуваме со економски предизвици.
Во дворот на училиштето, покрај учениците, родителите и наставниците беше и директор на ОСМУ „Никола Штејн“, Бинас Пајазити кој рече дека по писмен пат побарале, но не добиле одговори од оддел за стипендии во Министерството за образование и од Центарот за стручно образование.
„Без никакво објаснување Министерството објави дека од 1 500 ученици кои ќе добиваат стипендија во дуалните паралелки, се изземаат само учениците од здравствена струка во средни училишта на ниво на државата. Ние имавме шест паралелки по 25 или вкупно 150 ученици. Министерството за образование зеде обврска преку фондот добиен од Швајцарската амбасада да им додели стипендија од 3 500 денари по ученик во текот на школска година од девет месеци“,
рече Пајазити.
Револт има и кај наставниот кадар затоа што имале повеќе месеци работа за да се организираат и да ги договорат овие дуални паралелки со повеќе здравствени установи.
„Без разлика на образложението ние сме ги направиле сите процедури. Изгласано е во советот на училиштето, Совет на Општина, па пратени до Министерството, тие ги анализирале и го објавиле конкурсот за дуални паралелки. Наеднаш го одземаат правото на децата тоа што им следи според објавениот конкурс. Бараме од Министерството ако може оваа учебна година да го добијат ова право затоа што им следи согласно конкурсот. Ако не следат стипендии за дуално образование, нема да се нафатиме, затоа што ова е макотрпна работа, со секоја здравствена установа треба да се преговара и да се потпише договор“,
рече Пајазити.
Незадоволство од ваквата одлука има и во средните медицински училишта во Штип и Гостивар.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, денеска на својот фејсбук-профил ги повика средношколците да аплицираат за стипендиите.
„Тече рокот за Конкурсот за стипендии за средношколци. Категориите можете да ги најдете на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Најголем број стипендии има за ученици кои следат стручно образование во дуална паралелка, вкупно 1500 ученици доколку ги исполнат условите ќе ја добијат стипендијата на Министерството за образование и наука. Во меѓувреме тече и подготовката на стипендии за ученици кои се запишани во здравствени струки, во дуална паралелка, за кои конкурсот ќе биде објавен во ноември 2023 година. Оваа поделба е направена со цел да се зголеми бројот на студенти кои ќе добијат стипендија и кои го следат дуалното образование за здравство како насока која е во групата на дефицитни насоки“,
напиша Шаќири.