Покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од Зоран Заев, ревизија на одлуките донесени од Врховниот суд и одговорност ако се утврди неправилност и суспендирање на работата на Советот за реформи во правосудството како и експертска помош за реформите, побара вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од протестот што опозициската партија го организираше пред комплексот судови.

„Покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од Зоран Заев кој се меша во обвинителски и судски одлуки, а таа истрага да ја води тим од обвинители кои нема да ги избере Русковска односно Заев туку во кој ќе има доверба експертската јавност. Мора да има обвинение по кое Зоран Заев ќе одговара за злоупотреба на службената должност и попречување на правдата“,
рече Мицкоски.
За Врховниот суд кажа дека е највисокиот суд во државата, а аудиоснимката, според него, покажува дека одлуките се носеле од тогашниот премиер и поради тоа побара ревизија на одлуките на врховните судии, а каде ќе бидат утврдени неправилности да има оставки и одговорност.

Мицкоски бара привремено суспендирање на Советот за реформи во правосудството и негова реформа со експертска помош. Ако не се одговори на овие барања, тој најави дека народот ќе даде „громогласен одговор на 12 април“.
Пред почетокот на обраќањето на бината пред судот беше пуштена аудиоснимката на која Заев зборува за судските случаи од СЈО каде се споменува Врховниот суд и прес конференцијата на пратеникот Антонио Милошоски, на што присутните возвратија со извици.

Токму на оваа аудиоснимка беше концентриран целиот говор на лидерот на опозицијата.
Тој Заев го нарекуваше „рекетар, преговарач, главен забавувач и трговец со виталните органи на државата“.
„Чувме што е реалноста: ‘Договорено е со Врховен, без Заев не се може трас – трас и ете одлука на Врховен суд, Катица знае што треба да се случи’… Тoа е таа сурова вистина“,
рече Мицкоски цитирајќи делови од аудиснимката.
Тој го критикуваше обвинителството затоа што ни по 48 часа нема реакција, при што Русковска и Јовески ги нарече заштитници на криминалот на Заев и побара од присутните да ги запаметат нивните имиња.
За Законот за ЈО рече дека е донесен за токму Заев да може да гарантира дека аудиоснимки како оваа нема да важат.
Мицкоски ги критикуваше и врховните судии, кои молчеле како и обвинителите, па и новинари кои, како што рече, го бранеле Заев, но без да спомене имиња.
Притоа тој им се обрати на медиумите, кои како што рече го штителе Заев, но не посочи на кои мисли.
„Да им кажам на медиумите кои ме обвинуваат: Јас сум за апсолутна правда и да им порачам дека не сме сите исти. Различни сме и тоа многу. Ниту денес ниту утре кога граѓаните ќе ни дадат мандат нема да се мешам во судската власт ниту да ја попречувам правда за кого било – било да е ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Алијанса… ама ќе има одговорност. Стојам пред вас и ви ветувам дека за криминалот мора да има одговорност, без разлика кој кога го сторил. Не сме сите исти и во зборот кој го кажуваме и во сериозноста“,
рече Мицкоски.
Тој тука потсети дека Заев пред да дојде на власт ветувал правда, но како што рече ништо не направил.

Неговото владење го нарече „убивање на правдата“ која, како што рече, донела апатија кај граѓаните. Тој повика оваа апатија да не биде причина да не се излезе на избори.
„Ниту една работа не е на прав пат по вакви брутални грабежи. Треба да знаат, тој и тие кои му слугуваат и кои ќе се огрешат, дека прав е патот само до Идризово. А одговорност ќе има без разлика на името и презимето и кој од каде доаѓа“,
рече Мицкоски и обраќањето го заврши со: „Да живее слободна и ослободена РМ“.
Неговиот говор беше проследен со извици „Македонија“ и „Заев предавник“ од присутните.
*Поврзана вест