Анализа на „360 степени“ и „Јужне вести“: С Македонија и Србија имаа слична траекторија во однос на корона-кризата: вонредна состојба, полициски час, забрани за групирање…, кои се одразија на уставно заинтересираните права на движење и на собирање. Сепак, по изборите, во текот на летото, властите и во двете земји не избегнаа антивладини протести, и покрај протоколите за заштита од ковид-19…
Напролет, кога се очекува посилно да се почувствуваат економските последици од корона-кризата, не се исклучуваат поголеми протестни собири и штрајкови на работници
Не заврши весело орото што триесетина гевгеличани го изиграа на улица на 19 април во време на полициски час. Откако случајот доби публицитет, Основното обвинителство во Гевгелија до судот поднесе предлози за издавање казнени налози против 30 лица за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, според член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Гевгелија денес ?♂️ pic.twitter.com/pdzBmDX4zz
— Мапко (@mapkoman) April 19, 2020
Обвинителството му предложи на судот за секој од обвинетите да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби од по 10 евра во денарска противвредност, односно казна од 1 000 евра. Така, гевгеличаните се најдоа во статистиката на Јавното обвинителство на Северна Македонија, според која, во периодот од 17 март до 22 јули, основните јавни обвинителства постапиле против вкупно 3 412 лица кои за време на епидемијата на ковид-19 ги прекршиле прописите и упатствата со кои беа определени мерки за сузбивање и спречување на коронавирусот.
„Со исклучок на едно лице, сите други го сториле кривичното дело непостапување според здравствени прописи во време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик. За едно лице е поведена постапка за сторено кривично дело пренесување заразна болест. Од нив, речиси 3 200 лица постапиле спротивно на одлуката на Владата за забрана и посебен режим на движење на населението
велат од државното обвинителство..Обвинетите, во време на забрана на движењето, со своите постапки го прекршиле полицискиот час“,
Втората најчеста казна, по онаа за прекршување полициски час, беше за непочитување на самоизолацијата. За време на вонредната состојба, обвинителството регистрира 150 такви случаи – на граѓани кои наместо во карантин се шетале во јавност.
Полицискиот час „вреден“ милиони евра
Вечерта на 21 март, првпат во историјата на независна Македонија, беше воведен полициски час на територијата на целата држава, кој на почетокот траеше од 21 до 6 часот, а потоа во повеќе наврати се менуваше неговото времетраење, во зависност од околностите, така што имаше периоди кога „заклучувањето“ траеше и по неколку дена во континуитет. На оние што мораа да ги напуштат своите домови, поради одење на работа или од здравствени причини, МВР или Министерството за информатичко општество и администрација им издаваше посебни дозволи за движење.

Со воведувањето на полицискиот час, практично, беше ограничено и уставно загарантираното право на движење.
Секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште.
Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.
Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.
гласи членот 27 од Уставот.
На 28 март, некаде околу 20 часот, Д.Ц, од Скопје, невработен специјализант по кардиологија, се обидел да „претрча“ во посета на родителите „од другата страна на Вардар“ за време на забрана за движење. Но, додека пешачел низ Градскиот парк, бил пресретнат од полицијата.
Неколку месеци подоцна, Кривичниот суд во Скопје го прогласи Д.Ц за виновен и му одреди парична казна од 30 дневни глоби по 20 евра или вкупно 600 евра – по поднесената жалба на првичната пресуда, по предлог на Основното обвинителство-Скопје, со која тој беше казнет со 2 000 евра или со 100 дневни глоби од 20 евра.
Судот му ја намалил казната на обвинетиот затоа што Д.Ц. изразил каење и како олеснителна околност ги ценел личната и материјалната состојба и сталоженото однесување.
Од Јавното обвинителство појаснуваат дека одмерувањето на висината на казната е во надлежност на судовите, а јавните обвинители, во предлогот за издавање казнен налог, предлагаат вид и висина на казните, согласно законските лимити, а ценејќи ги фактите и околностите за секој предмет поодделно.
Согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, според кои се казнуваше за време на вонредната состојба, највисоката казна е три години затвор, а најниската е парична, во зависност од тежината и начинот на кој е сторено делото – со намера или од небрежност.


Речиси без исклучок, јавните обвинители во предметите за овие кривични дела досега предлагаа парични казни, вообичаено по 2 000 евра. Тоа значи дека, пред сѐ од „шетачите“ во полициски час, државата треба да наплати околу 6 милиони евра. Но, никој нема статистика колку од тие казни се платени и за колку судовите досудија пониски суми.
Протести под маски
Случајот со Д.Ц е само еден од 1 283. обвинителни предлози за издавање казнени налози против 1 694 лица што Обвинителството ги поднесе до Кривичниот суд во Скопје за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија. Или, во тој суд, се водат приближно половина од предметите за казните за време на полицискиот час.
Кон крајот на декември судот веќе ги „исчистил“ речиси сите предмети. Донесени се 1 264 пресуди за 1 665 лица. Засега, правосилни се 507 пресуди за 601 лице, додека 343 предмети за 536 лица се завршени со првостепена пресуда, но сѐ уште не се правосилни, односно течат рокови за жалба или се на постапување пред второстепениот суд по поднесена жалба. Казните, како што велат од судот, согласно со казнените налози, се движат од условна до парична казна до 2 000 евра.
Ковид-19 против протести?
Само неколку дена пред да биде прогласен полициски час, на 18 март, исто така по првпат во историјата на државата, беше прогласена вонредна состојба и веќе беше во сила забрана за собирања на повеќе од пет лица на јавен простор. Така беше ограничено и уставното право на собирање и изразување протест.
Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.
Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба,
гласи членот 21 од македонскиот Устав.
Во тој период, всушност, немаше ниту амбиент за протести, со оглед на атмосферата што ја предизвика епидемијата и затоа што земјата беше во изборен вакуум – по одложувањето на предвремените парламентарни избори поради ковид-кризата, која во тој период ја менаџираше техничката влада, додека парламентот беше распуштен.
Сепак, имаше и исклучоци, каков што беше протестот пред Владата на почетокот на јуни. Тогаш, група граѓани се собраа на „Илинденска“, протестирајќи против речиси тримесечниот карантин, но и против поставувањето 5Г-антени и против вакцините… Иако протестираа и против „реквизитите“ за заштита од ковид-19, демонстрантите носеа маски, додека присутните полицајци залудно им објаснуваа дека се забранети поголеми собири и дека треба да одржуваат растојание.
Исто така, два месеци претходно, триесетина скопјани беа приведени во полициска станица и завршија со кривични пријави за непостапување според здравствените прописи поради тоа што учествуваа на протест во населбата Ченто за време на полициски час.
Но, наспроти овие инцидентни собири, веќе од почетокот на јули групирањата стануваа сѐ почести. Во тоа време се водеше кампањата за предвремените парламентарни избори, во период кога веќе беше завршена вонредната состојба и немаше полициски час, така што беа регистрирани неколку „излети“ на политичари надвор од протоколите за заштита од ковид-19.

Во септември, пак, набрзо по изборот на новата влада, протестите се вратија на политичката сцена во земјава, додека на здравствен терен повторно почна да се влошува состојбата со коронавирусот. Сѐ до средината на овој месец, ВМРО-ДПМНЕ најмалку еднаш седмично одржуваше протести во Скопје и во градовите низ земјата, иако, во меѓувреме, кон средината на ноември, повторно беше донесена забрана за групирање на јавен простор, овој пат за повеќе од четири лица во текот на целиот ден.
Во целиот период на континуирано протестирање на опозицијата, владејачкиот СДСМ излегуваше со обвинувања дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ, организирајќи помасовни протестни собири, го загрозува јавното здравје прекршувајќи ги мерките за заштита од ковид-19. Сепак, институциите не преземаа поригорозни мерки против опозициските демонстранти, и покрај забраната за групирање, која во меѓувреме ја донесе Владата.
Од МВР велат дека поднеле известување за протестите до Обвинителството, ама засега нема навестувања дали и за овој случај ќе биде отворен предмет поради непостапување според здравствените прописи во време на епидемија. Или аргументацијата ќе натежне кон уставниот член што го гарантира правото на собирање и на протест, кое може да биде ограничено само во услови на воена или вонредна состојба.
Зачестени протести во Србија
Во Србија ниту полицијата не беше толку толерантна ниту демонстрантите беа мирни. Така беше барем за време на протестите на почетокот на јули, кога тамошната влада најави повторно воведување полициски час. Сѐ почна кога дел од демонстрантите, меѓу кои антиваксери, опозициски политичари и навивачи пробаа да влезат во парламентот по што полицијата почна да тепа и кого треба и кого не треба.
Ковид-19 кризата секако ѝ помогна на тамошната владејачка Српска напредна странка. Поради вирусот, спласна моментумот на протестите на здружената опозиција наречени „1 од 5 милиони“ и тие прекинаа со почетокот на епидемијата. Остана удирањето по тенџериња од балконите во вечерните часови за време на полицискиот час.
Сепак, иако ги ограничи, ковид-19 не ги спречи сите протести во земјата. Мали стопанственици, угостители и туристички агенции, исто така, протестираа. Имаше мали и спонтани штрајкови на работници во некои фабрики, како што се „Јуре“ во Ниш и „Геокс“ во Врање.

Сепак, сите протести траеја кратко и не доведоа до промени, а синдикатите сметаат дека има повеќе причини за тоа.
Претседателот на Обединетите синдикати на Србија „Слога“, Жељко Веселиновиќ, вели дека институцијата протест умрела во Србија во последните неколку години и дека периодот на епидемијата не донесе големи промени, иако имаше повеќе причини за протести.
„Делумно нема протести поради партиските вработувања. Луѓето во јавниот сектор се исто така уценети и во страв за работното место. Тие не протестираа како порано. Од друга страна, тука е приватниот сектор, а со доаѓањето на компаниите кои добија огромни субвенции, тие добија заштита и државна помош во борбата против работниците, па затоа беше многу тешко, практично невозможно, да се организираат протести и во приватниот сектор“,
вели Веселиновиќ.
Сите протести, особено за време на короната, беа потиснати затоа што не беа во согласност со законот, смета Веселиновиќ, а стихијните протести и штрајкови во одредени фабрики немаа голем успех.
„Работодавачите ја користеа короната за да се справат со инспираторите на протестот. Немаше протести за време на епидемијата, главно, од две причини: во првиот налет, повеќето компании не работеа и немаше немири. Потоа тие работеа со намален капацитет, а луѓето се плашат од последиците од кризата и да не останат без без работа“,
смета претседателот на синдикатот „Слога“.
Штрајкови во најава
Сè уште не се познати сите последици од ковид-кризата. Епидемијата најмногу ги погоди угостителите и туристичките агенции.
Протестната акција „10 минути за спас на туризмот“ се одржа на централниот плоштад во Ниш, а туристичките работници, како што рекоа, сакале да ја потсетат државата дека и тие постојат, бидејќи се едни од ретките бизниси кои не добиле никаква помош.
Угостителите во Ниш, исто така, најавија, па се откажаа од протест кон средината на септември. Сепак, овие две стопански гранки учествуваа заедно на протестот на почетокот на декември во Белград, заедно со други бизнисмени и хонорарци.
Бобан Митиќ од Здружението на угостители од Ниш вели дека, иако протестот во Белград беше организиран за време на забрана за собирање на повеќе од 5 лица на јавно место, немаше никакви проблеми за учесниците на протестот.
„Имавме најава за протест, имаше предлози, но заклучивме дека е контрапродуктивно. Сепак, се собравме во Белград, околу 40 сопственици на кафулиња, ресторани и хотели беа од Ниш. Немаше ограничувања, митингот беше пријавен, имаше над 1 000 луѓе, имаше и полиција. Ги доставивме барањата, тие беа предадени во архива и сега чекаме одговор. Немавме проблеми, мерките се почитуваа и се носеа маски. Во тој дел, бевме добро организирани“,
вели Митиќ.
Туризмот и угостителството ги очекуваат новите мерки од владата на Србија, така што ќе реагираат во врска со нив.
Сега прашање е што ќе се случи напролет, кога луѓето, како што се очекува, ќе почнат помасовно да ја губат работата. Сигурно е дека ќе има повеќе проблеми, а со тоа и повеќе причини за протест, а Веселиновиќ верува дека епидемијата ќе биде една од причините на кои ќе се „вадат“ работодавците и државата за отпуштањата или за намалените плати.
„За еден дел неодговорни работодавци епидемијата беше ‘добредојдена’, еден дел имаа сериозни деловни проблеми, а имаше и повеќе од коректни работодавци. Време беше да се види кој е одговорен, а кој не. Пандемијата сè уште трае, прашање е како и кога ќе заврши. Мислам дека и во наредните години коронавирусот ќе биде причина на која ќе се вадат работодавците за да ги оправдаат сите непопуларни мерки што ќе ги спроведат“,
вели Веселиновиќ.
Пресуди врз основа на полициски изјави
И во Србија некои уставно загарантирани права беа ограничени за време на епидемијата, особено слободата на движење и правото на протест. Вонредна состојба беше воведена на 15 март, а 3 дена подоцна во сила беше полициски час – од 20 часот до 5 часот утредента.
Околу 6 500 граѓани на Србија се гонети за прекршување на полицискиот час.

Масовните протести на почетокот на јули наскоро беа задушени. Во Белград и во Нови Сад прекршочните судови донесоа вкупно 43 пресуди за демонстранти во експресна постапка, напиша Центарот за истражувачко новинарство.
Речиси половина од овие пресуди беа донесени врз основа на изјави на полициски службеници, додека судиите изјавите на граѓаните не ги сметаа за вистинити. Како што покажува анализата на ЦИНС, за слични случаи на навреда на полицајци или носење факли, едни биле казнети со минимални парични казни, а други со затвор.
Игор Шапиќ, студент на Електротехничкиот факултет, на протестите во Белград носеше транспарент со натпис „Што ќе сториш кога ќе го потрошиш целиот солзавец?“ На овој начин Игор сакаше да изрази незадоволство од големата количина солзавец што ја употреби полицијата во судирот со демонстрантите. И додека стоеше со пријателите пред Националното собрание, неколку лица, кои немаа униформи, дојдоа да ги идентификуваат, а потоа го уапсија. Шапиќ многу брзо беше однесен во Прекршочниот суд во Белград, кој го осуди на 30 дена затвор за пцуење на полицаец од Управата за криминалистичка полиција.
Ова е само една од 82. прекршочни постапки спроведени во Белград и во Нови Сад од 8 до 15 јули за навреда и напад на полицајци, уништување имот и поседување факли. Повеќето од приведените пресудата ја добија истиот или следниот ден. Според податоците што Центарот за истражувачко новинарство ги добил од прекршочните судови, 43 пресуди и девет ослободителни пресуди биле донесени до 15 јули, а во тоа време сè уште траеја 30 постапки.
АВТОРИ: Александра М. Митевска и Љубомир Филипов
Оваа сторија е изработена во соработка меѓу „360 степени“ од Скопје, С Македонија и „Јужне вести“ од Ниш, Србија
