Во однос на пол, 73 од заразените се мажи, а 75 жени, така што соодносот е еден спрема еден
Според место на постојано живеење, случаи на ковид 19 се регистрирани досега во седум градови, информира Институтот за јавно здравје во анализа за кумулативната состојба со епидемијата во земјава. Сметајќи според бројот на населението, највисока е стапката на заразени во Дебар – 40 позитивни на коронавирусот или 144.1 на 100 илјади жители. Во Скопје, со 88 случаи, зачестеноста е 14,2 на 100 илјади жители, а во Штип (седум случаи) стапката изнесува 13,3.
Во однос на пол, 73 од заразените се мажи, а 75 жени, така што соодносот е еден спрема еден. Според информациите на Институтот за јавно здравје, специфичниот морбидитет по пол кај машките е 7,0/100.000 жители, додека кај женските изнесува 7,3/100.000 жители.
Возраста на заболените се движи од две до 91 години или во просек 43,8 години. Најголем број на заболени се на возраст од 30-39 години – 35 (23,6 проценти).

Во однос на датумот на пријавување, првиот случај е регистриран во 9. недела во 2020 година, а од 11. недела континуирано се регистрираат нови случаи. Најголем број на случаи (29) е регистриран на 21 март.

Од пријавените случаи, 32 или 21,6 отсто биле хоспитализирани во текот на болеста, а 116 случаи се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика. Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани кашлица (68,6%), температура (62,9%), слабост (28,6%), болка во грло (25,7%), главоболка (24,8%) и треска (21,9%), а 43 лица се без изразени симптоми. Едно лице од хоспитализираните е поставено на механичка вентилација поради влошување на состојбата.
Според податоците на ИЈЗ, кај 31 лице се присутни хронични здравствени состојби, од кои 21 имаат кардиоваскуларна болест, шестмина се со белодробна болест, четворица со бубрежна болест, тројца со дијабет и четворица со други хронични болести. Регистрирани се 12 случаи на заболување меѓу здравствени работници.