За петте испразнети места во „организиран криминал“ се пријавија 10 кандидати, од кои петмина се обвинителите на кои им истече мандатот – изборот е одложен за следната недела
Претседателот на Советот, Јолевски, вели дека нема опција да пропадне конкурсот со оглед дека остана само изборот односно гласањето во Советот, но нагласува дека сакаат што побргу да го завршат изборот бидејќи во јуни годинава истекува мандатот на уште тројца обвинители од тимот на Русковска, па за околу еден месец ќе треба да распишат оглас и за тие три места што ќе се испразнат
Пропадна изборот на пет обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска зашто во Советот на јавни обвинители денеска немаше кворум. Од тие причини, Советот денеска ги помина останатите точки од дневниот ред, а продолжение на седницата со точката за избор закажа за наредниот четврток.
Од 11 члена, актуелен мандат имаат 10, со оглед дека на Ацо Солев му заврши мандатот. Денеска беа присутни седум членови на Советот, а за кворум за гласањето за избор на обвинители се потребни осум.
„Имавме договорено дека сите ќе присуствуваат за денес, но излегоа непредвидени одмори”,
рече претседателот на Советот, Антонио Јолевски.
Меѓу тројцата кои отсуствуваат беше и републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Како што рече претседателот на Советот, Јовески уште вчера најавил дека има состаноци и обврски за потпишување на некои договори, но не ја откажале седницата зошто и самиот Јовески се надевал дека ќе заврши до 12 часот кога беше закажан почетокот на седница.
Останатите двајца членови кои отсуствуваа се Љупчо Ивановски и Иџет Мемети. Тие утрово биле во просториите на Советот, но, како што велат оттаму, поради итни обврски заминале. И двајцата се дел од Советот како членови кои се избираат во Собранието.
Претседателот Јолевски вели дека нема опција да пропадне конкурсот, со оглед дека остана само изборот односно гласањето во Советот, но нагласува дека сакаат што побргу да го завршат изборот бидејќи во јуни годинава им истекува мандатот на уште тројца обвинители од тимот на Русковска, па за околу еден месец ќе треба да распишат оглас и за тие три места што ќе се испразнат.
На прашање од новинарите дали има политички притисоци околу изборот, Јолевски рече дека нема, барем кај него лично. Како што вели, за останатите не може да гарантира, а најмалку за оние избрани од Собранието.
Покрај членовите кои се избираат од Собранието, останатите кои се дел од Советот се обвинители.
Инаку, денешната седница на Советот новинарите ја слушаа од ходник бидејќи салата каде што се одржуваат седниците е мала и поради ковид-протоколите, освен за два-тројца, за другите немаше место внатре.
Изборот на пет обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција треба да се случи со оглед дека на пет обвинители на крајот на јануари годинава им заврши мандатот.
Одлука да се распише конкурс Советот донесе уште на седница одржана на 15 ноември 2021 година. За петте места се пријавија 10 обвинители, од кои петмина се обвинителите на кои им истече мандатот: Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши. Останатите петмина кои конкурираа се: Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми.
Меѓутоа, изборот досега не се случи со оглед дека се чекаше оценувањето за кое дел од обвинителите кои конкурираа поднесуваа приговори, кои Советот ги прифати, па имаше ново оценување. И за второто оценување имаше приговори чиј рок истече пред две недели.
Во меѓувреме, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се соочи со недостиг на обвинители бидејќи тие не можеа да ги застапуваат предметите кои ги водат, па дел од судските рочишта се одложуваа, а на дел обвинителите со истечен мандат беа придружувани од колеги кои имаат мандат. Меѓу попознатите предмети кои се одложуваа имаше и едно рочиште за случајот „Софтвери“ во кои обвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест други лица, каде што обвинителка е Ивана Трајчева.