Од Агенцијата нагласуваат дека ќе биде зголемен и интензитетот на контроли на пратките со со овошје и зеленчук кои се увезуваат во земјава, од сите држави

Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавуваат засилени контроли на увозот на сите пратки со изворска минерална вода од Република Косово. Контролите, како што соопштуваат од Агенцијата, следуваат по добиен лабораториски наод позитивен на колиформни бактерии кај изворска минерална вода по потекло од Косово.
„Поради добиен лабораториски наод позитивен на колиформни бактерии кај изворска минерална вода по потекло од Република Косово, спротивно на одредбите од Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода („Службен весник на РМ“ бр. 184/20218), под засилен инспекциски надзор ставен е и увозот на сите пратки со изворска минерална вода од оваа земја“,
се вели во соопштението од АХВ.
Под засилен инспекциски надзор во однос на микробиолошките критериуми за безбедност на храната од АХВ велат дека се и пратките со безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, каде во една пратка, со лабораториска анализа утврдено е присуство на аеробни бактерии.
„За секоја од наредните пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, ќе се земаат лабораториски мостри за испитување на микроорганизми согласно Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната“,
се додава во соопштението.
Од Агенцијата нагласуваат дека ќе биде зголемен и интензитетот на контроли на пратките со со овошје и зеленчук кои се увезуваат во земјава, од сите држави.
Од АХВ велат дека засилените контроли ќе се реализираат со земање лабораториски мостри за испитување на остатоци од пестициди, со акредитирани методи, од секоја пратка.
Мострите ќе се земаат на инспекциските места при увоз, а пратките нема да се пуштаат во промет се до добивање на резултат со кој ќе се потврди безбедноста на производите.