Истражителите од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, дошле до докази дека првоосомничениот кој бил лишен од слобода во Гевгелија, во бункер во ПМВ сокривал поголемо количество на психотропна супстанца
Основното јавно обвинителство донесе наредба за истрага против две лица кои се осомничени дека сториле кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори и побара притвор и куќен притвор.
Како што информираат од Обвинителството, по претходно направени претреси и собрани докази, лицата денеска биле лишени од слобода.
„Како резултат на материјалните и видеодокази, обезбедени при претресите во акцијата што под раководство на јавен обвинител беше спроведена на 18 и 19 јануари годинава, во текот на денешниот ден од слобода се лишени две лица. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Притоа, истражителите од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, дошле до докази дека првоосомничениот кој бил лишен од слобода во Гевгелија, во бункер во ПМВ сокривал поголемо количество на психотропна супстанца.
„По обезбедена наредба за вештачење на возилото коешто беше одземено, пронајдени се 3,5 кг кокаин. Воедно, како резултат на доказите побарани се и извршени претреси на дом кај приведените лица и притоа е пронајден уште 1 кг кокаин. За двете лица јавниот обвинител донесе Наредба за истрага, а од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје побара притвор и куќен притвор“,
сооптши Обвинителството.
