Светски познатиот производител на средства за дезинфекција, за чистење и други хемиски препарати, „Рекит Бенкисер“, упати предупредување до потрошувачите да не ги користат нивните средства за дезинфекција „на човечкото тело“ како заштита од ковид-19.
Реакцијата на компанијата која кај нас е присутна со производи како „вениш“, „стрепсилс“, „калгон“, но во САД е особено позната по средствата за чистење и дезинфекција на домот „лисол“ и „детол“, доаѓа по сугестијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека такви средства потенцијално може да се користат против ковид-19.
Колку и да звучи неверојатно, но во своето соопштение до јавноста компанијата „Рекит Бенкисер“ вели:
„Мораме да бидеме јасни дека во никој случај нашите производи не треба да бидат употребени на човечкото тело (преку инјектирање, голтање или кој било друг начин). Нашите средства за хигиена и за дезинфекција треба да се користат само за она што се наменети и во согласност со упатството за употреба. Ве молиме, прочитајте го упатството и информациите за безбедна употреба на производите“,
изјавија од компанијата.
Компанијата во своето соопштение сепак не се обраќа директно на изјавата на Трамп, туку на „шпекулациите и активностите на социјалните медиуми“.
Што кажа Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп предложи „вбризгување“ средство за дезинфекција кај лице заразено со коронавирус за негово лекување.
Ваквата шокантна изјава Трамп ја даде на прес-конференцијата во Белата куќа, откако раководителот на одделот за наука и технологија во рамки на Министерството за домашна безбедност Бил Брајан го презентираше истражувањето, според кое новиот вирус не живее долго на високи температури и при висока влажност.
„Вирусот умира најбрзо на сончева светлина“, рече Брајан, на што Трамп му упати неколку прашања за тоа како би можело телото да биде изложено на таква светлина.
„Да претпоставиме дека ќе го изложиме телото на таква силна светлина – без разлика дали е ултравиолетова или само многу моќна светлина што можете да го направите или преку кожата или на некој друг начин“,
рече Трамп, кој понатаму ја разработи и теоријата дека вирусот најбрзо се убива со дезинфекција.

„Гледам дека дезинфекцијата го убива вирусот за една минута, буквално за една минута. Дали постои начин да направиме такво нешто со негово инјектирање или со целосно чистење? Би се влевало во белите дробови, би било интересно да се провери тоа“,
рече Трамп на брифингот.
Брајан, прашан од новинарите, подоцна изјави дека федералните лаборатории не размислуваат за таква опција за третман. Тој додаде дека само топлината и влажноста не го убиваат вирусот доколку луѓето не продолжат да практикуваат социјално дистанцирање.
На новинарско прашање до Брајан да даде стручен коментар на тврдењето на Трамп, тој кусо одговори дека федералните лаборатории не размислуваат за таква опција за третман и додаде дека топлината и влажноста не го убиваат вирусот без да се практикува социјално дистанцирање.
На ова, Трамп само додаде: „Можеби функционира, можеби не“.