По најавите дека Програмскиот совет на МРТ (НРТВ) денеска треба да распише конкурс за избор на нов директор и заменик-директор на јавниот сервис, од Здружението на новинарите (ЗНМ) побараа автентично толкување од Собранието за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за да не се носат незаконски одлуки
Програмскиот совет на МРТ (Национална радиотелевизија) ја одложи денешната седница, на која, меѓу другото, требаше да се расправа за распишување конкурс за избор на нов директор и заменик-директор на јавниот сервис.
Претседателката на Советот, Смилка Јанеска-Саркањац, за „360 степени“ кусо вели дека седницата била одложена на барање на неколку членови на Програмскиот совет. Одлагањето на одлуката доаѓа откако „360 степени“ синоќа (во пресрет на седницата на Советот) објави дека универзитетскиот професор Борче Давитковски смета оти евентуално распишување конкурс би било незаконско, зашто со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги им е продолжен мандатот на директорот и заменик-директорот на МРТ до изборот на нов Програмски совет – постапка што подолг период е заглавена во Собранието.
Претходно, реагираше Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од каде побараа пред да се донесе одлука, да се побара автентично толкување од Собранието на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, за „360 степени“ вели дека целта е да се расчистат правните дилеми за тоа дали и кој може да разрешува и именува директор, со оглед на одредбите во законот со кој се регулира изборот на раководните органи на МРТ (НРТВ).
Чадиковски вели дека ставот на ЗНМ до членовите на Програмскиот совет го пренел нивниот претставник и член на Советот, Ведат Мемедалија.
„Бидејќи има различни правни мислења, сметавме дека најдобро решение е да се побара автентично толкување на Законот за да не се доведеме во ситуација да се донесат одлуки што ќе имаат сомнителен правен легитимитет. Ова прашање беше адресирано преку нашиот член во Советот и, според нашите сознанија, ова било прифатливо за повеќето членови на Советот“,
вели Чадиковски.
Мемедалија, пак, вели дека официјално барање од ЗНМ се уште нема. Во телефонски разговор за „360 степени“ тој рече дека досега не ги информирал членовите на Советот за барањето на ЗНМ, бидејќи седницата била одложена, а за тоа наведува причини различни од оние што ни ги кажа Јанеска-Саркањац.
„Расправата ја одложивме поради обврски на претседателот и заменик-претседателот. Не е разговарано за барањето на ЗНМ. Расправата ја одложивме без да дискутираме за ниту една точка од дневниот ред.“,
вели Мемедалија во телефонски разговор за „360 степени“.
Неговата колешка, претседателката Јанеска-Саркањац, не ни одговори дали за Советот е прифатливо барањето на ЗНМ и дали ова тело е информирано за иницијативата.
Во член 43 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги пишува:
„Постојните членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членовите на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на МРТ ја вршат функцијата до изборот на членови на Советот и директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членови на Програмскиот совет и директор и заменик на директор на МРТ.“
Актуелниот директор на јавниот сервис, Марјан Цветковски, вчера за „360 степени“ рече дека евентуален избор на негов наследник, пред Собранието да го изгласа новиот состав на Програмскиот совет, може да има негативни последици врз работата на јавниот сервис.
Изборот на Програмскиот совет, пак, одамна е заглавен во собраниската Комисија за избори и именувања, а со оглед на новиот парламентарен состав, постапката за избор на членови на раководните органи на МРТ ќе мора да почне одново.
Од ЗНМ апелираат да се откочи процесот за што поскора реализација на реформите во МРТ.
„Треба се продолжи со реформите што беа закочени и во рамки на постоечкиот закон да се изнајдат најдобрите начини за поставување професионалци во Советите на МРТ (НРТВ) и на АВМУ. Сега има нов состав на Собранието и очекуваме дека во понатамошниот период таа постапка ќе продолжи во согласност со актулениот Закон и европските практики во оваа насока, а тоа е избор на професионални кадри за членови на Советите“,
вели Чадиковски.
Она што може да биде главна „сопка“ се новите одредби од Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои за избор на членовите на Советите на јавниот сервис и на АВМУ треба да се обезбеди двотретинско мнозинство – и во Комисијата и на пленарна собраниска седница.