Филмскиот критичар на Асосиејтед прес, Џејк Којл, смета дека Оскарот за документарен филм ќе отиде кај „Американска фабрика“, а наградата за меѓународен филм кај „Паразит“
Според филмскиот критичар на Асосиејтед прес, Џејк Којл, „Медена земја“ заслужува Оскар и во обете категории во кои е номиниран македонскиот филм, но, прогнозира тој, тоа нема да се случи, пренесува Дојче веле.
Во категоријата документарни филмови, на годинешното 92 издание на Оскарите, кандидати се: „Американска фабрика“ на Џулија Рајхерт и Стивен Богнар, „Кафез“ на Ферас Фајад, „Работ на демократијата“ на Петра Коста, „За Сама“ на Ваад Ал-Катеаб и Едвард Ватс, како и „Медена земја“.
Којл предвидува дека Оскарот ќе отиде кај „Американска фабрика“- првиот филм кој го продуцираше компанијата на поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел – иако треба да го добие „Медена земја“.
„Големиот број на одлични документарци кои се прават денес веќе не можат да бидат сместени во една категорија. Колку за потсетување, меѓу одбиените филмови се и ’Девојка’ за првиот женски екипаж во трката со јахти во 1989 година, документарниот филм на Мартин Скорсезе за Боб Дилан, како и воодушевувачкиот архивски проект ’Аполо 11’.
пишува Којл.
’Американска фабрика’, првиот филм на продукцијата на Барак и Мишел Обама најверојатно ќе победи. Но ’Медена земја’, за осамената македонска пчеларка е раскошно интимен, а сепак одекнува и со глобалната еколошка алегорија“,
Слична е оценката на критичарот и за втората категорија – меѓународен филм, каде што конкуренти на македонското остварување се и последниот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“ и многу фалениот јужнокорејски „Паразит“- кој се смета за главен фаворит и во категоријата на најдобар филм воопшто.
И тука Којл прогнозира дека ќе победи „Паразит“, а треба да победи „Медена земја“.
„Ова ќе биде лесна победа за ’Паразит’, кого потенцијално го очекуваат и поголеми награди“.
Во другите категории, Којл прогнозира дека наградата за најдобра женска улога ќе ја добие Рене Зелвегер за филмот „Џуди“, а за најдобра машка улога типува на Хоакин Феникс за интерпретацијата на „Џокер“. За најдобро режисерско остварување, според Којл, Оскарот ќе отиде во рацете на Сем Мендес за филмот „1917“, иако според критичарот, наградата ја заслужува Мартин Скорсезе за „Ирецот“.
Пофалби за македонскиот филм во српските медиуми
Пред утрешното доделување на престижните Оскари, и српските медиуми пишуваат за големиот успех со номинацијата на македонскиот документарен филм „Медена земја.“
„Телеграф“ во најавата за доделувањето на Оскарите, пишува дека „ова е приказна за една неверојатна жена, со груба надворешност и изненадувачка нежност“. Белградскиот весник „Данас“ излезе со најава и коментар дека „во недела, на 9 февруари, кога целиот свет со нетрпение го очекува 92. доделување на Оскарите, филмот „Медена земја“ ќе почне да се емитува на редовниот кино репертоар во Белградскиот културен центар.
„Земјата на медот нè носи на живописните височини на една од македонските планини и во светот на исконските вредности на односот помеѓу човекот и природата. Атиџе, последната пчеларка во Европа мора да ги зачува своите пчели и да ја врати природната рамнотежа во Медената земја“ ,
објави ТВ Н1
Поврзани текстови : Повеќе од сто илјади прегледи на репортажата на „360 степени“ за „Медена земја“