„Не мислам дека ќе смени повеќе од два до три проценти од вкупната слика. Тоа не е доволно, доволно е ова што го зборувам“, рече Мицкоски апелирајќи до Владата да го прифати пакетот мерки од ВМРО-ДПМНЕ за стопанството, компаниите и граѓаните што го презентираше тој денеска на прес-конференција
Предлогот на Владата за продолжување на летното сметање на времето за сметка на зимското, според претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нема да смени повеќе од два до три отсто од вкупната слика од состојбата во државата.

Тој побара од Владата да го прифатат нивниот пакет мерки за стопанството, компаниите и граѓаните што го презентираше денеска на прес-конференција.
„Не мислам дека ќе смени повеќе од два до три проценти од вкупната слика. Тоа не е доволно, доволно е ова што го зборувам. Ова нека го прифатат, нека аплицираат, нека го стават на хартија, нека пресметаат и нека им помогнат на компаниите. Тие ќе бидат благодарни“,
рече Мицкоски апелирајќи до Владата да го прифати пакетот-мерки од ВМРО-ДПМНЕ за стопанството, компаниите и граѓаните што го презентира тој денеска на прес-конференција.
Во однос на евентуалното задржување на летното сметање на времето за сметка на воведувањето на зимското, министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека тоа ќе го покажат анализите што ги прави Министерството за економија, а кои би требало да бидат готови до крајот на неделата.
Премиерот Димитар Ковачевски, исто така, рече дека не би можел да каже каква одлука за сметање на времето ќе се донесе се додека не ги види анализите, но вели оти постои расположение за оставање на летното сметање на времето.
По вчерашната владина седница, Владата го задолжи Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.
Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври со што стрелките на часовникот се поместуваат за еден час назад. Во пракса тоа би значело дека во зимските месеци ќе се разденува еден час подоцна, но и денот ќе трае подолго, па наместо да почне да паѓа мрак, на пример, во 16 часот, ќе се стемнува во 17.