Откако привремениот прекин на огнот заврши во петокот, Израел нападна повеќе од 400 цели во Појасот Газа, соопшти израелската војска. Како што пренесе Би-би-си, воздушните, поморските и копнените сили ја нападнале Газа, вклучително и области на југот на Појасот.
„Борбени авиони погодија повеќе од 50 цели во екстензивен напад во областа Кан Јунис“,
се наведува во соопштението на израелската војска.
Во соопштението се наведува дека воздушните напади биле насочени кон џамија во северниот дел на Газа тврдејќи дека групата „Исламски џихад“ ја користела како оперативен команден центар.
По наредбите на Израел луѓето во северниот дел на Газа да се евакуираат на југ, стотици илјади жители на Газа се засолниле во јужниот град Кан Јунис, главно во импровизирани шатори и засолништа обезбедени од ОН.
Нападите продолжија вчера, а Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, соопшти дека речиси 200 Палестинци се убиени од прекинот на привременото примирје меѓу Израел и палестинската група, објавува британски „Гардијан“.
Привременото примирје меѓу Израел и Хамас траеше седум дена, а првично требаше да трае четири дена. Беше продолжувано со цел да се ослободат повеќе заложници, но и за да се направи поголем проток за хуманитарна помош во Газа.
Обидите за повторно примирје и прекин на огнот продолжуваат, соопшти Министерството за надворешни работи на Катар.
И портпаролот на американскиот Совет за безбедност, Џон Кирби, на брифинг за медиумите вчера порача дека САД работат на тоа да се врати паузата во борбите и да се обезбеди повеќе хуманитарна помош.