Македонскиот претставник и копретседател во Комисијата, Драги Ѓорѓиев, по вчерашната средба изјави дека се дискутирало само за учебниците, а дека биле запазени нашите интереси, но сепак не кажа дали се очекува денеска да биде донесена некаква конкретна одлука по однос на ова прашање
Денеска во Скопје продолжува состанокот на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, откако вчерашниот состанок во однос на содржината на учебниците за седмо одделение во Северна Македонија заврши без конкретен договор.
По вчерашниот состанок, македонските претставници во Комисијата оценија оти средбата била позитивна, имало конструктивни дискусии, но засега не е постигнат никаков договор.
Македонскиот претставник и копретседател во Комисијата, Драги Ѓорѓиев, по вчерашната средба изјави дека се дискутирало само за учебниците, а дека биле запазени нашите интереси, но сепак не кажа дали се очекува денеска да биде донесена некаква конкретна одлука по однос на ова прашање.
Бугарскиот претставник во Комисијата, Ангел Димитров, пак, по вчерашната средба не сакаше да даде изјава за новинарите. Тој рече оти денеска ќе кажел се.
Заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања на 15 август годинава усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Северна Македонија и петти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самуил.
Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија, формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.