Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања и одговорија само на третото барање за решавање на нашиот статус, свесни сме за долгиот процес и дека статусот не е брзо и лесно решлив, рече доктор Христина Илиоска Чешлароска специјализант по интерна медицина
Штрајкот на приватните специјализанти не запира. На денешниот четврти ден од генералниот штрајк беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти и беше најавен протестот што ќе го одржат во понеделник.
Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, во изјава до медиумите испрати охрабрување до сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнуваат на притисоците од клиниките и да издржат во борбата.
„Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши“,
изјави таа.

Илиоска Чешлароска рече дека штрајкот ќе продолжи бидејќи приоритетот не бил ставен на исполнување на нивните први две барања за покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување, за кои рече дека барале итно решавање.
„Доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив веќе во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат“,
подвлече Илиоска Чешлароска.
Таа повтори дека протестот најавен за понеделник ќе се одржи под мотото „Пет до 12 за македонското здравство“, пред Министерството за здравство.
Барањата на приватните специјализанти, како што беше одлучено на последната владина седница, ќе се разгледуваат и решаваат по изборите во насока на подготовка на предлог-законски решенија со кои ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.