Бројот на новодијагностицирани лица со вирусот ковид-19 во земјава во последниве 24 часа изнесува 18, објави ТВ Алсат. „360 степени“ беше во можност да ја потврди информацијата, при што дознаваме и дека бројот на новозаболени е регистриран по направени вкупно 351 тест во изминатото деноноќие.
Прегледот на бројот на новозаболени од ковид-19 покажува значителен пад, почнувајќи од понеделникот. Претходната седмица бројот на новозаболени имаше речиси континуиран растечки тренд. Иако бројките од последните денови се охрабрувачки, здравствените власти велат дека е прерано да се носат заклучоци.

Она што со сигурност може да се тврди дека падот на дневните бројки на новозаразени лица не се должи на намалениот број на тестови. Анализата на „360 степени“ покажува дека се намалува и бројот на позитивни тестови на ковид-19. Ако минатата недела тие се движеа околу 10%, до највисоки 19,4%, последниве три дена процентот на позитивни тестови е под 7,5%.

Во изминатото деноноќие, сепак, уште две лица ја загубија битката со вирусот. Едниот починат е од Куманово, додека другиот од Кавадарци. Со тоа, бројката на починати од ковид-19 во земјава се искачи на 28.