Според анализата на УЈП, вчера е забележан пад од 46,29 проценти на вкупниот промет на осумте поголеми маркети во споредба со завчера

Управата за јавни приходи (УЈП) излезе со анализа на прометот во големите ланци маркети. Таа покажа дека вчера, на денот кога граѓаните ги бојкотираа маркетите, продажбата била речиси преполовена.
Како што информира УЈП, во осумте поголеми маркети вчера е забележан пад на вкупниот промет за 46,59 отсто во споредба на минатиот петок.
Според друга споредба, пак, вчера е забележан и пад од 46,29 проценти на вкупниот промет на осумте поголеми маркети во споредба со завчера.
„Податоците од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS), односно регистриран готовински промет во осумте поголеми синџири на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година покажуваат дека вчера, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS-системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114 293 367 денари. Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS-системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212 782 151 денари, а во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS-системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213 985 705 денари“,
велат од УЈП.
Од УЈП најавија дека ќе продолжат со вакво мониторирање и анализирање и ќе ги соопштат сите важни податоци што ќе имаат влијание врз економијата.
Денеска, одговарајќи на новинарско прашање за високите цени во маркетите на кои се жалат граѓаните, премиерот Христијан Мицкоски рече дека на терен се сите институции буквално во сите поголеми маркети, но и дека Владата се обидува да направи баланс меѓу стандардот на граѓаните и пазарната економија.
„Да, излегоа на терен сите институции. Повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа. Повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните, но истовремено, нормално, да не ја нарушиме пазарната економија, пазарните правила итн. Мислам дека во овие моменти треба сите заедно да работиме за да излеземе како победници од целата оваа ситуација и мислам дека ќе излеземе како победници“,
рече Мицкоски.
Оваа изјава на Мицкоски, како и анализата на УЈП, доаѓаат ден по организираниот бојкот на големите маркети предизвикан од поплаките на граѓаните дека цените, дури и на основните прехранбени производи, секојдневно стануваат сѐ повисоки.
Голем број граѓани вчера одлучија да го поддржат бојкотот и да ги заобиколат големите ланци маркети, како реакција на високите цени на производите.
Покрај земјава, и во повеќето други земји од поранешна Југославија, купувачите ги бојкотираа големите синџири на маркети. Иницијативата тргна од Хрватска, каде што купувачите веќе втор петок по ред ги бојкотираат маркетите.
Во сите земји е потврдено дека прометот на денот на бојкотот е намален за околу 50 отсто.