„Во оваа прилика знам дека има голем интерес во јавноста за предметите што се во тек или што евентуално ќе следуваат, меѓутоа ценам дека денеска, и форматот на заклетвата и денешниов ден, не би навлегувал конкретно во детали по однос на одредени предмети“, изјави денеска Коцевски му давањето свечена заклетва во Собранието.
Додека новиот јавен обвинител ја преземаше функцијата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ до ЈО поднесе кривична пријава против ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за проблемот со издавањето на личните документи, истото вчера го сторија и од партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски
Новоименуваниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска не сакаше да навлегува, како што кажа, во детали за конкретни предмети, откако беше прашан од новинарите дали ќе преземе нешто во однос на актуелните проблеми кои се јавија со издавањето лични документи со новото уставно име.

Прашањето на Коцевски му беше поставено по свечената изјава што тој ја даде пред претседателот на Собранието, Јован Митрески, откако пред два дена законодавниот дом со мнозинство од 62 гласа го именуваше на функцијата.
„Во оваа прилика знам дека има голем интерес во јавноста за предметите што се во тек или што евентуално ќе следуваат, меѓутоа ценам дека денеска, и форматот на заклетвата и денешниов ден, не би навлегувал конкретно во детали по однос на одредени предмети. Меѓутоа, секако, за било што Јавното обвинителство ќе формира предмети, за сите поднесени пријави, за сите оние што по чуен глас ќе допрат до јавниот обвинител и ќе нема никаква селективност во однос на евентуалното гонење на сторителите на кривични дела“,
рече Коцевски.
Ако има доволно докази, увери Коцевски, Јавното обвинителство ќе поведе постапка против секој и секого.
Интересот на новинарите во врска со ова прашање беше во контекст на повиците кои дојдоа од политички партии, експерти и правници за отворање истрага околу доцнењето со издавање лични документи со новото уставно име.
Аргументите кои деновиве може да се чујат беа дека надлежните државни институции требало веднаш по уставните измени кои произлегоа од Преспанскиот договор да ги променат потребните законски и подзаконски акти и да почнат со издавање документи на чии обрасци ќе стои Република Северна Македонија, а не во меѓувреме да продолжат со печатење лични исправи со старото име Република Македонија.
Конкретни чекори во оваа насока денеска презеде опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На прес-конференција пред Јавното обвинителство, пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев рече дека Спасовски е лично и директно одговорен за хаосот со личните документи.
„Оливер Спасовски, во својство на министер за внатрешни работи, во период од околу две и пол години издавал лични документи коишто знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок колку што е ставен во документите, туку истите ќе престанат да важат на 12.02.2024 година. Имено, тој овој период од 12.02.2019 па сè до средината на 2021 година, свесно и директно раководејќи со Министерството за внатрешни работи, коишто впрочем ги издаваат овие документи, нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета“,
изјави Јанушев.
Според него, Спасовски извршил злоупотреба на службената положба и овластувања и несовесно работење во службата.
Јанушев рече оти очекуваат од Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава и да отвори истрага за Спасовски.
„Апелираме и очекуваме дека новоизбраниот јавен обвинител на Република Македонија ќе покаже дека е професионалец, а не дека е продолжена рака на власта во заминување на СДС и ДУИ“,
рече тој.

Кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и против Министерството за внатрешни работи, поради набавката на стари обрасци за издавање лични документи со тогаш веќе неуставното име на државата „Република Македонија“, вчера поднесе и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски.
Спасовски, коментирајќи ја најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесе кривична пријава против него, вчера, во изјава за Дојче веле рече дека „менаџирањето на замената на документите е прашање на институции, а не на поединец“.
„Овие најави се политички мотивирани и немаат врска ниту со правото, ниту со процесот, ниту со интересите на граѓаните“,
рече Спасовски.
