Уште на самиот почеток на проектот „Мој ДДВ“ на Управата за јавни приходи се појавија проблеми. Уште утрото граѓаните реагираа дека апликацијата не работи. Кај некои, проблем се јавува при скенирањето, а други се жалат на проблеми при самото најавување на апликацијата.

На веб-страницата на УЈП е објавен линкот за симнување на апликацијата од „Google Play Store“. Но, кога ќе се впише „Мој ДДВ“ во полето за пребарување, апликацијата не се појавува, ниту на латиница, ниту на кирилица. Причината е тоа што апликацијата не е објавена од профил креиран од УЈП, туку од физичко лице – „Кирил Соколов – Акцент ДООЕЛ“. Така и само може да се пронајде апликацијата – со пребарување на „Кирил Соколов“. Ова го разјасни директорката на УЈП, Сања Лукаревска на денешната прес-конференција.
„Google Play Store согласно барањето за одобрување, бара физичко лице, а физичкото лице е дел од тимот на изведувачот на оваа апликација“,
изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Уште еден проблем е што апликацијата може да ја симнат корисниците на телефони со Андроид оперативен систем, но таа не е достапна за корисниците на телефони со ИОС оперативен систем, бидејќи на „Apple App Store“ апликацијата се уште ја нема.
„Очекуваме наредните денови апликацијата „Мој ДДВ“ да биде достапна за преземање и од „Apple App Store“ за корисниците на IOS оперативниот систем, бидејќи станува збор за мултинационална компанија која работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите. Во меѓувреме, имаме различни други видови на механизми за секој граѓанин да си го оствари своето право. Никој да не биде обесправен во овој процес. Затоа постојат и баркод читачите и киоск апаратите и паметните телефони коишто се на пултовите на Управата“,
објаснува Лукаревска.
Апликацијата може да ја користи секое лице кое има над 15 години возраст, со важечки документ за лична идентификација, кое е регистрирано во системот на Управата за јавни приходи. За најава на апликацијата, граѓаните ќе ја користат истата е-маил адреса и лозинка од својот профил на страницата на УЈП. Оваа апликација важи за фискалните сметки до 30.000 денари, но не и за фактури и сметки со сметкопотврди.
Ќе може да се скенираат само валидните фискални сметки, а тоа подразбира тие да имаат баркодови. Оние кои не поседуваат баркод, нема да може да се скенираат. Така, граѓаните можат да воочат нерегуларност, која ќе можат да ја пријават на телефонскиот број 198.
Инаку, на 36 места во организационите единици на УЈП се поставени киоск-апарати, баркод читачи а на пултовите има паметни телефони, преку кои граѓаните ќе можат да ги скенираат фискалните сметки што ги добиваат со купување или користење на некоја услуга. Ова најмногу е наменето за повозрасните, како и за граѓаните од социјално ранливите категории.
Со овој проект, граѓаните ќе имаат поврат од 15 отсто од платениот данок на додадена вредност. Според Владата, кај граѓаните годишно ќе се враќаат околу 50 милиони евра, или како што неодамна појасни премиерот Зоран Заев, едно четиричлено семејство ќе може во семејниот буџет, на крајот на годината да си врати 28.000 денари.
Според пресметките, од оваа мерка корист ќе имаат семејствата кои трошат повеќе. Анализата на Институтот „Finance think“ покажува дека оние кои годишно трошат 1,2 милиони денари, односно околу 20 илјади евра, ќе можат да вратат една просечна плата преку мерката, додека најсиромашните семејства, само 738 денари.

На „Мој ДДВ“ реагираше и опозицијата. Според ВМРО-ДПМНЕ, се работи за популистичка мерка на власта.
„Доколку СДСМ и Заев навистина се грижат за граѓаните тогаш најмалку што можат да направат за нив е да го вратат рамниот данок, да ја укинат акцизата за нафта што тие ја покачија, да ги намалат цените на мало и конечно да почнат да ги реализираат капиталните инвестиции кои имаат најниско ниво на реализација во историјата на независна Македонија“ ,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во нивното соопштение.