Под наслов „Жолтите комбиња на ИФИМЕС“, порталот „Призма“ пишува за контроверзните истражувања на словенечкиот институт, кои речиси секогаш се во полза на премиерот Зоран Заев. Во последниот напис се осврнува на мајската анализа на ИФИМЕС во која се наведува дека јавната обвинителка Вилма Русковска имала неовластени контакти со Орце Камчев и Сашо Мијалков, која морала да побара притвор за двајцата откако се дознало во јавноста. Станува збор за непоткрепен податок, пишува „Призма“, што го негирала и самата обвинителка во интервјуто за БИРН. Но, како што се наведува во написот, медиумското внимание на анализата на ИФИМЕС го привлекува друг провокативен навод што го пренесуваат неколку интернет-портали.
Станува збор за приказна која потсетува на онаа на Никола Груевски за странските служби што прислушувале низ Скопје со жолти комбиња, а извесни аналитичари, кои не се наведени во текстот на ИФИМЕС, предупредувале дека постои тајна разузнавачка операција, која во меѓународните кругови се нарекувала „Коњски скок“. Операцијата, според анализата, се состоела во дестабилизација на Македонија преку постојано продуцирање афери, а крајната цел било враќање на Груевски од Будимпешта.
Во анализата на ИФИМЕС се наведува и дека разузнавачките служби детектирале и лоцирале повеќе од 160 портали кои продуцираат лажни вести со намера да предизвикаат хаос и да ги дискредитираат премиерот Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, без да се наведе ниту еден доказ ниту автор на текстот, што е честа пракса за објавите на институтот, пишува Призма.
Од БИРН побарале став од директорот на ИФИМЕС, Зијад Беќировиќ, но одговори не добиле. Затоа, пак, од Владата добиле одговори дека престанала соработката со институтот пред формирање на техничката влада за ланските предвремени парламентарни избори.
ИФИМЕС, со седиште во Љубљана, се претставува како организација фокусирана на меѓународна политика и економија и советување влади, државни институции, компании и поединци, а пошироката јавност за првпат се запозна со работата на ИФИМЕС откако се објави дека е единствената организација на листата надворешни соработници на премиерот Заев.
Словенечкиот институт имаше договор со македонската влада од 2017 до 2019 година. Владата го плаќала институтот по 1 000 евра месечно, плус на нејзините претставници им покривала патни и трошоци за хотелско сместување. Вкупно на ИФИМЕС биле исплатени повеќе од 37 илјади евра, а како што соопштиле од Владата за БИРН, истражувањата и анализите на институтот му користеле на премиерот Заев при неговите активности во меѓународната агенда.
Целиот текст на „Призма“ можете да го прочитате тука.