Македонскиот јазик во својата денешна форма, според писателот, поет и академик Влада Урошевиќ, е под, како што тој со политички речник го дефинира, империјализмот на англискиот јазик.
Доминацијата на англискиот јазик е поопасна отколку што се чини, зашто националниот идентитет се состои во значајна мера и од јазикот, вели писателот, поет и академик Влада Урошевиќ во интервју за „Призма“.
Македонскиот јазик во својата денешна форма, според Урошевиќ, е под, како што тој со политички речник го дефинира, империјализмот на англискиот јазик.
Поранешните студенти на Урошевиќ, кој се пензионира како професор на Филолошкиот факултет, имале навика сѐ уште да се консултираат со него за ракописите што ги пишуваат. Доаѓале и други.
„Не еднаш, не двапати, повеќепати ми се случило да ми донесат песни или раскази на англиски“,
почна тој да објаснува и запре, направи поголема пауза, за да ја заврши реченицата, потенцирајќи дека тоа се млади луѓе.

„Едно момче дури ми донесе три романи што ги напишал на англиски.“
Го гледал неколку секунди, веројатно и тогаш држел пенкало во раката, и зачудено го прашал: „Добро, зошто на англиски?“ Младиот писател бил убеден дека за жанрот што го негува, најсоодветен бил овој странски јазик.
„‘Фентази’ пишувал“,
прецизира професорот.
Неколку издавачки куќи и млади автори, сепак, се трудат – издаваат и пишуваат проза на македонски. Урошевиќ го препознава и напорот на властите, и сегашни и минати, да вложуваат во оваа сцена, иако, како што вели тој, „книгата на македонски не живее, туку преживува“.
„Младите сѐ потешко се изразуваат, мислам дека тоа се должи на недоволниот број прочитани страници“.
вели академикот.
Целото интервју на „Призма“ со писателот, поет и академик Влада Урошевиќ читајте го ТУКА.