Изведувачите можат да се поврзат со бизнис-елитата што орбитира околу владејачката ДУИ
Двете изградени дваесеткатници на Лимак, во центарот на Скопје, се полнат со новите станари. Уште две од вкупно четирите предвидени згради се градат на потегот од „Нова Македонија“ до катната гаража „Кирил и Методиј“. Високите градби со повеќе од 770 станови ќе бидат дом на илјадници нови жители, пишува „Призма“ во најновата анализа.
А во нивна близина ќе никне уште една зграда на државно земјиште. Инвеститор е државна фирма, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор АДСДП. Тоа ќе значи и уште нови жители во срцето на главниот град, каде што до пред само една деценија имаше привремени бараки, во кои имаше институции, фирми и по некое семејство. Тогаш таму живееја или транзитираа стотици луѓе.
„Сега сликата е сосема поинаква. Во објектите обиколени со улиците – Кирил и Методиј, Јужен булевар, Јордан Мијалков и Мајка Тереза, не само што живеат илјадници луѓе и уште толку ќе се населат, туку секојдневно доаѓаат голем број посетители на деловните објекти. На овој простор, во последниве 15-тина години се изградија банка, два трговски центри, од кои едниот отворен пред два месеца, луксузен хотел, два хипермаркети…“,
пишува „Призма“.
Сета таа река луѓе сега се слева низ две еднонасочни улици – Кирил и Методиј и Јордан Мијалков. Долгите колони возила во сообраќајните шпицови покажуваат дека тие се тесно грло во градот. Но, така ќе остане уште долго време. Затоа што новоизградениот подземен булевар под зградите на Лимак не е никако поврзан со останатата инфраструктура. Не е ниту почната изградбата на трите кружни текови што треба да овозможат тој да профункционира. Нема најава, нема распишано тендер за изградба на клучките.
Целата анализа можете да ја прочитате тука.
ФОТО: БИРН