Од општината појаснуваат дека ова се однесува на претходно ангажираните лица кои доаѓаат подолг период на работа, а нема да има нови вработувања
Сите вработени преку агенциите за привремени вработувања во јавните институции во март ќе имаат ист статус како редовно вработените. Вака е одлучено на состанокот што денеска се одржа во Кавадарци меѓу кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и директорите од јавните претпријатија и образовните институции.
„Ова е поради новонастанатата ситуација со ковид-19 и затворањето на јавните институции, согласно препораките на Владата“,
велат од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Препораките од Владата ќе се следат и во април. Од општината појаснуваат дека ова се однесува на претходно ангажираните лица кои доаѓаат подолг период на работа, а нововработени нема и нема да има.
Како што јави МИА, сите времени и редовно вработени во јавните институции и јавни претпријатија, кои се под надлежност на општината, со посебен заклучок, се задолжуваат да бидат достапни и ќе бидат ангажирани за потребите за имплементација на мерките за борба против ковид-19, согласно препораки на Кризниот штаб.
„Се мисли на набавка на намирници за стари и изнемоштени лица и лица од ранливите категории, како и учество во активности за дезинфекција и санитација. Во врска со новото претпријатие ЈП ‘Паркинг Кавадарци’, сите лица вработени во претпријатието тековно ќе ги извршуваат нивните обврски, но со оглед на намалениот обем на работа, треба да се јават и да одговорат на обврските од Кризниот штаб“,
појаснуваат од кабинетот на Јанчев.
Сите исплати кон спортските клубови, невладините организации и ГФК „Тиквеш“ се ставаат во мирување, поради нивно мирување и согласно мерките од Владата.