К.Ѓ, додаваат од МВР, во периодот од јуни до ноември 2023 година, во повеќе наврати од жители на Радовиш и Радовишко примил пари во вкупен износ од 18 000 денари и 150 евра како поткуп

Триесет и тригодишниот К.Ѓ. од радовишкото село Подареш, вработен во Државниот пазарен инспекторат во одделението во Струмица е лишен од слобода поради сомнение дека примил поткуп.
„На 21.11.2023 осомничениот од двајца жители на радовишко примил 3 000 денари, кои претходно ги побарал од нив за да не констатира прекршок согласно Законот за изменување и дополнување на законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност, односно за да не преземе службено дејствие кое бил должен да го изврши. Во моментот кога е лишен од слобода, кај него се пронајдени парите кои ги примил како поткуп“,
се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.
К.Ѓ, додаваат од МВР, во периодот од јуни до ноември 2023 година во повеќе наврати од жители на Радовиш и Радовишко примил пари во вкупен износ од 18 000 денари и 150 евра како поткуп.
Во еден случај, се наведува во соопштението од МВР, К.Ѓ. примил поткуп за да не констатира прекршок по извршен надзор, а во други случаи поткупот го примил со цел да не изврши надзор кој бил должен да го изврши.
Од МВР велат дека К.Ѓ. е задржан во Полициската станица Радовиш и оти ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица.
