Сопственик на угостителски објект на подрачјето на Петровец вчеравечер бил приведен во полициска станица, бидејќи не ја почитувал забраната за работа после 18 часот.
„Со ова, одговорното лице на угостителскиот објект М.З., од с.Петровец сторил кривично дело по чл.206 од Кривичниот законик. Од страна на Државниот пазарен инспекторат објектот е затворен, М.З. е приведен во Полициска станица Гази Баба и известен е Јавен обвинител од ОЈО Скопје“,
се вели во соопштението на МВР.
Од таму информираат дека во текот на вчерашниот ден извршени се контроли во 257 угостителски објекти.
За непочитување на протоколите за работа вчеравечер бил привремено затворен и угостителски објект во село Никуштак.
„При извршената контрола во 17.30 часот, во угостителски објект во село Никуштак, општина Липково, сопственост на А.Р.(29) од с.Никуштак, на една маса биле затекнати повеќе лица од дозволеното, односно од страна на угостителот не е почитуван протоколот од Уредбата на Владата за спречување на ширењето на Ковид 19. Од страна на Државниот пазарен инспекторат објектот бил привремено затворен“,
соопшти МВР.