Камчев е осомничен во случаите „Плацовите на Водно“ и „Империја“, а најавен е како сведок за „Меѓународен сојуз“ на 18 март
Бизнисменот Орце Камчев е приведен изутринава во Полициската станица Карпош, потврдија извори од Министерството за внатрешни работи.
Тој денеска ќе биде изведен пред судија на претходна постапка, а според објавите на дел од медиумите, Камчев се подготвувал за бегство. Фокус.мк објави дека Камчев е приведен по сознанија на Агенцијата за национална безбедност дека се подготвува да ја напупшти државата.
Потоа го информирале Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое сега бара притвор за него како осомничен во истрагата „Плацовите на Водно”.
Во овој случај, првоосомничен е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Груевски, според наводите на Обвинителството, си купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, додека Новачевски го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.
Орце Камчев е еден од осомничените и во случајот „Империја“.
Во „Империја“, како што своевремено соопшти СЈО, станува збор за финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании, а се истражуваат неколку кривични дела, како злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. Покрај Камчев, осомничени сè уште 12 лица, меѓу кои и Сашо Мијалков, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.
Минатата недела тој беше најавен дека ќе сведочи на рочиштето за „Меѓународен сојуз“ закажано за 18 март.
