Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок, информира МВР
Полицијата синоќа во 23 часот на улица Перо Наков го лишила од слобода Д.А.(56) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека во домот „Ранка Милановиќ“ во Скопје, каде престојувал, предизвикал пожар, при што бил опожарен дел од објектот, информира Министерството за внатрешни работи.
„Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок“,
информира МВР.
За пожарот синоќа на Фејсбук информираше градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски. Тој во својата објава посочи дека изминатиот период повеќепати упатил барање до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Домот за згрижување деца „25 Мај” во чија надлежност е напуштениот објект, за обезбедување на истиот, но од нив до денес, немало никаква реакција.
„Јавно апелирам и барам од надлежните институции веднаш да се преземат мерки за обезбедување на објектот кој е бесправно населен со цел да се спречат во иднина вакви и слични проблеми од кои можат да настанат сериозни последици“,
напиша градоначалникот на Општина Гази Баба.